Јужноафриканската полиција истражува дали смртта на девет жени, чии тела биле пронајдени во период од два месеца, е поврзана и дали зад случаите стои сериски убиец. Засега не ја исклучува ниту можноста за повеќе сторители.
Првите пет тела биле пронајдени на периферијата на Јоханесбург, а останатите на одделни локации оддалечени околу 25 и 35 километри. Жртвите биле на возраст од 20 до 30 години. Телата биле пронајдени голи или делумно облечени, а на некои имало слични модринки.
Првото тело било откриено на 17 јули. Жената била пронајдена гола и врзана со кабли. Најмладата жртва имала 20 години.
„Истражителите ги разгледуваат сите можности, вклучително и можноста за повеќе осомничени или одделни сторители. Полицијата ги споредува доказите, времето, локациите, профилите на жртвите и околностите на секој случај пред да извлече заклучоци“, изјави комесарот на полицијата во покраината Гаутенг, Фред Кекана.
Полицијата понуди награда од 25.000 долари за информации што ќе доведат до апсење на сторителот или сторителите.
