Разговорите за отворање американска воена база во Полска напредуваат, соопшти претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој го поврза напредокот со, како што рече, „смелото водство“ на полскиот претседател Карол Навроцки, но не потврди дека е донесена конечна одлука.

„Доколку се случи ова, локацијата ќе биде објавена многу наскоро. Ова ќе биде историски чекор за големиот сојуз помеѓу САД и Полска“, објави Трамп на „Трут соушл“.

Полска се залага за засилено сојузничко присуство на источното крило на НАТО по руската инвазија врз Украина во 2022 година. По средбата со американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во јуни, полскиот министер за одбрана Владислав Кошчињак-Камиш изјави дека американското Министерство за одбрана е отворено за полскиот предлог за трајно присуство на американски воени сили во земјата.