Мицкоски ќе се обрати на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030

Со фокус на долгорочно планирање и усогласување со европските дигитални политики, денеска ќе биде промовирана Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030. На настанот ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски, а документот ја дефинира насоката на дигиталната трансформација на државата во наредните години, во согласност со Европската дигитална декада и развојната агенда.

Четири столба за дигитална трансформација

Стратегијата е поставена врз четири клучни области. Првата се однесува на ИКТ инфраструктурата и поврзливоста, преку развој на безбедна, достапна и одржлива дигитална основа. Вториот столб ги опфаќа дигиталните компетенции и инклузивноста, со цел градење вештини и обезбедување еднаков пристап до дигиталните можности. Третата област е е-владеењето и електронските услуги, насочена кон подобрување на јавните услуги, транспарентноста и довербата во институциите. Четвртиот столб се бизнисите, иновациите, вештачката интелигенција и новите технологии, со акцент на дигиталната економија и стартап екосистемот.

Цели усогласени со Европската дигитална декада

Како земја кандидат за членство во Европската Унија, државата ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која поставува четири цели до 2030 година. Тие се насочени кон создавање дигитално обучени граѓани и ИКТ експерти, безбедна и поврзана инфраструктура, дигитализирани јавни услуги и дигитално интегрирани бизниси.