Орце Ѓорѓиевски: Со 17 дигитални проекти Скопје ќе стане првиот „paper free“ град во државата
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја претстави својата програма за дигитална трансформација на главниот град, најавувајќи 17 проекти кои, според него, ќе го претворат Скопје во паметен, модерен и транспарентен град што се грижи за младите.
Дигитализација на сите процеси и воведување на „Смарт Центар“
Ѓорѓиевски најави целосна дигитализација на административните процеси, воведување на дигитални сервиси за граѓаните и комплетна дигитализација на Советот и јавните претпријатија.
„Таков град може да се изгради само преку вистинска дигитална трансформација, каде администрацијата ќе биде сервис, а не бариера,“ изјави тој, нагласувајќи дека уште како градоначалник на Кисела Вода бил пионер во воведувањето дигитални услуги на локално ниво.
Во рамките на најавените реформи ќе биде формиран „Смарт Центар“ – посебна организациона единица која ќе го координира дигиталното управување со транспорт, отпад, јавни ресурси и услуги во реално време. Ќе бидат воведени Документ Менаџмент систем и ЕРП платформа, а со проектот „Дигитален близнак на Скопје“ ќе се создаде дигитална реплика на градот со интегрирани просторни податоци, сензори и документи.
Нови електронски услуги и јавна отчетност
Ѓорѓиевски најави модернизација на локалното оданочување преку проектот „Е-даноци“, што ќе овозможи електронско плаќање и издавање решенија за данок на промет за само пет дена. Со проектот „Е-адреса“ ќе се врши дигитално мапирање на сите улици и објекти со QR-кодови и матични броеви.
Покрај тоа, ќе се воведе електронски систем за управување со општински проекти, дигитална платформа за културно наследство со 3D реконструкции и виртуелни тури, како и централен „Градски портал“ што ќе биде единствена точка за пристап до сите јавни услуги.
„SKOPJE CITY GO“ ќе биде единствена картичка за јавен превоз, паркинг и билети, со попусти и бесплатни услуги за ученици, пензионери и лица со попреченост.
Мерки за млади: ослободување од комуналии и задолжително младинско вработување
Следниот столб во програмата на Ѓорѓиевски е насочен кон младите. Тој најави мерка за ослободување од комуналии до 100% за млади брачни двојки до 40 години без имот, како и обврска за средни и големи компании да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години на секои 20 постојни работници.
Предвидени се и „Младински Центар за Кариера“, поддршка за занаетчии, стипендии и практикантства, како и проект „Disco Zone“ – специјализирани зони за ноќни клубови надвор од центарот. Ѓорѓиевски најави и дигитални станбени хабови, „Паметно семејство“ и „Паметен пазар на недвижности“ со јавна база на достапни станови и цени.
„Кога градот е дигитален, младите можат лесно да учат, работат и создаваат овде. Сакаме Скопје што создава можности, работи транспарентно и ја гради иднината за младите,“ порача Ѓорѓиевски.