Сообраќајната и редовната полиција засега нема да ги признаваат дигиталната лична карта и возачката дозвола од новата апликација. Граѓаните имаат задолжение и понатаму да ги носат со себе физичките пластични документи сè додека не се завршат сите законски и подзаконски прилагодувања.
Ова го нагласи министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за време на официјалната промоција на мобилната апликација „м.Услуги“, посочувајќи ги техничките и процедуралните чекори на терен.
„Доколку денеска нѐ запре сообраќајна полиција не може да се идентификуваме со електронската лична карта бидејќи нема можност како да нѐ провери дали нашиот дигитален паричник е валиден“, објасни Андоновски.
Тој појасни дека имплементацијата ќе оди во фази и дека институциите постепено ќе се опремуваат за новите дигитални стандарди.
„Во моментот кога МВР ќе биде подготвено за тоа, ќе известиме, ќе ги промениме и подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на личната карта и на возачката. На пример, во други држави први почнале да ги прифаќаат банки, влегување во локали, купување на услуги од супер маркети“, рече Андоновски.
Апликацијата „м.Услуги“ веќе е активна на платформите за уредите со оперативни системи „Андроид“ и „ИОС“. Во првата фаза корисниците имаат пристап до три електронски услуги: електронска лична карта, електронска верзија на возачка дозвола кои се повлекуваат од базите на МВР, како и обрасците М1, М2 и М4.
„Планот е да ги детектираме услугите на порталот uslugi.gov.mk, кои се најкористени и да ги префламе една по една на мобилната апликација. Во моментот ниедна апликација во Македонија нема можност за плаќање и на тоа работиме во периодот што следува. Се надевам дека ќе успееме. Штом успееме во тоа, ќе ги внесуваме апликациите што се со административна такса. Во моментот ќе внесуваме апликации што не бараат од вас да платите“, рече Андоновски.
Сите државни органи што ги нудат своите сервиси преку Националниот портал се подготвени да бидат дел од мобилната платформа без прекини во приемот на барањата.
„Тие и во моментот не забележуваат од каде им доаѓа барањето за конкретната услуга. Тоа го работиме ние. Оние услуги што немаат внатрешни системи со кои работиме ќе им треба повеќе време да стасаат“, рече министерот.
Во случај на технички проблеми или нејаснотии, корисниците можат да испратат прашања преку модулот во апликацијата или преку контакт-центарот на порталот.
„Ниедна апликација не е совршена, не е ни оваа, на ниво е на сите мобилни апликации во државата и пошироко, оценета со одлични оценки и од аспект на кибербезбедност, но секако, доколку постои грешка, и во рамките на апликацијата постои модул за прашања, граѓаните може да се обратат до националниот портал uslugi.gov.mk во контакт-центарот за да им помогнат нашите вработени“, рече Андоновски.
Правната рамка за дигиталниот паричник моментно се потпира на Законот за електронските документи и електронска идентификација, поточно членот 20 г.
„Со измените таму се смета дека дигиталниот паричник служи за идентификација на граѓаните, што значи дека со податоците што ќе ги содржи граѓаните ќе може да се идентификуваат. Не се променети законот за лична карта и за безбедност во сообраќајот, но тие не мора да се менуваат. Поважно е да се менуваат правилниците, но има и група на други правилници и закони кои до ден денес бараат и фотокопија од лична карта. Тие ќе треба постапно да ги менуваме и тоа е процес што ќе се одвива во периодот што следи. Многу повеќе ќе биде предизвик техничкото прифаќање на дигиталниот паричник од институциите, најмногу поради нивните внатрешни системи“, посочи Андоновски.
Крајната цел е усогласување со стандардите на Европската Унија, со рок поставен до крајот на деценијата.
„Ние сме една од првите држави во регионот што ова го реализира и обврска ни е до декември 2027 да имаме пристапност до европскиот дигитален паричник што ќе значи прифаќање на електронските документи. Таму се сите и дипломи, и сертификати и уверенија“, рече Андоновски.
