СДС и Венко Филипче се обидуваат да изградат дистанца од поранешниот српски претседател Александар Вучиќ по изборниот пораз на парламентарните избори. Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие обиди се залудни бидејќи јавноста добро ги памети блиските релации на поранешните функционери.

Како што наведуваат во своето соопштение, раководството на опозициската партија со години градело лични и политички врски со Белград на штета на домашните интереси.

„Му слугуваа на кој стигнат, само за свои лични интереси, на штета на интересите на граѓаните и државата, затоа и сега се таму каде што се, во длабока опозиција, со низок рејтинг на граница на статистичка грешка, без доверба од граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија детално потсетуваат на низа настани од изминатите години кога раководните лица на СДС организирале свечени пречеци за српските претставници.

„Додека беа на власт му правеа пречеци со црвен тепих, јавно го фалеа, му се заблагодаруваа и велеа дека со претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ градат одлични односи на соработка. Така, во екот на ковид-кризата, Венко Филипче како тогашен министер за здравство, заедно со неговиот ментор Заев, свечено ја пречекуваше донацијата на вакцини од Србија, предводена од Вучиќ, со јавни пофалби и благодарности. И, нормално, недостигот на вакцини во Македонија се случи затоа што од нивната набавка сакаа да ќарат провизија во нивните џебови. Зоран Заев, пак, по објавувањето на разговорите со руските пранкери, во кои зборуваше за Вучиќ, јавно, понизно и со свиткана кичма му се извинуваше на српскиот претседател“, велат од владејачката партија.

Во реакцијата се додава дека таквата пракса продолжила и на граничните премини со организирани средби и промоции на политиките на српскиот лидер.

„Негувањето на блиски, другарски, односи со поранешниот српски претседател го продолжи и следниот премиер и претседател на СДС, Димитар Ковачевски, кој заедно со Вучиќ до раните утрински часови пиеја, пееја и се веселеа. Значи, српскиот свет за кој СДС на чело со Филипче го зборува, го промовираа Венко, Заев и Ковачевски, исто како што ги промовираа и бугарскиот и рускиот свет. Но, никако не станаа промотори на македонскиот, како што не ги штитеа ниту македонските национални интереси, достоинство, култура, јазик, историја“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.