Кај двајца новопримени професионални војници кои се на обука во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес е утврдена кожната болест шуга (scabies), соопштија попладнево од Генералштабот на Армијата, во координација со Министерството за одбрана.
По појавата на заболувањето, како превентивна мерка, сите професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се времено пуштени на домашен престој. Од Армијата информираат дека, освен двајцата кај кои е дијагностицирана болеста, останатите војници во понеделник ќе се вратат на обука во велешката касарна.
Во соработка со Воено-медицинскиот центар, веднаш биле преземени сите потребни мерки за спречување на евентуално ширење на инфекцијата. Спроведен е епидемиолошки надзор и се постапува согласно препораките на здравствените стручни служби.
„Армијата континуирано презема соодветни превентивни и противепидемиски мерки за заштита на здравјето на персоналот. Сместувањето на војниците е уредено согласно Правилото за сместување и ред во Армијата, а пред почетокот на обуката беа обезбедени соодветни услови за престој и работа, во согласност со армиските стандарди“, наведуваат од Армијата.
Оттаму додаваат дека пред сместувањето била извршена целосна дезинфекција на просториите, а на персоналот му биле обезбедени чисти и испрани постелнини и ќебиња. Капењето на војниците, како што појаснуваат, е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови.
Во соопштението се наведува и дека во изминатиот период во касарната во Велес биле реализирани повеќе активности со голем број ангажирани припадници. Таму бил извршен прием и сместување на повеќе класи новопримени професионални војници, со број над 300 лица, како и најголемата ситуациска вежба „SEVEN STARS 2025“, со учество на повеќе од 150 национални и странски претставници.
Дополнително, на армиско ниво била реализирана и вежбата „Immediate Response 25“ на полигонот Криволак, каде во теренски услови биле сместени над 2.200 припадници на Армијата и странски вооружени сили. Од Армијата нагласуваат дека во ниту една од овие активности не била регистрирана појава на ваков тип на заболување.
Од Министерството за одбрана соопштуваат дека постапуваат согласно барањата на Армијата и дека за конкретниот случај ќе се преземат сите мерки според насоките на Воено-медицинскиот центар.
