Министерот за надворешни работи и трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот VIII оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.

Како што објави Муцунски, иако разговорот се одвивал во позитивна атмосфера, позициите на двете соседни земји и понатаму се значајно оддалечени.

„Средбата беше конструктивна и се одвиваше во позитивен дух, но позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени“, истакна македонскиот шеф на дипломатијата.

Тој посебно го подвлече проблемот со високиот степен на недоверба во процесот на европските интеграции, посочувајќи дека тоа е последица на досегашните билатерални блокирања и барања.

„Во однос на европската интеграција, постои висок степен на недоверба, која од наша перспектива е поврзана со предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања“, напиша Муцунски.

И покрај длабоките разлики, двајцата министри се согласиле дека дијалогот меѓу Скопје и Софија мора да продолжи. Покрај тоа, Муцунски испрати јасна порака за црвените линии на земјата.

„Разговаравме и за продолжување на дијалогот меѓу двете држави во периодот што следи, и покрај постојните разлики во позициите. Нагласив дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не смеат да претставуваат пречка на европскиот пат“, нагласи тој, додавајќи дека „без дијалог не може да се дојде до решение, но самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите“.