Резултатите се објавуваат сукцесивно според пристигнатите податоци
Со цел навремено информирање на јавноста, Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори ги објавува постепено, веднаш по нивното електронско пристигнување од општинските изборни комисии. Најдоцна 12 часа по затворањето на гласањето, се објавуваат резултатите засновани на записниците.
Општините и Градот Скопје со свои обврски за објава
Општинските изборни комисии треба да ги објават првичните резултати од изборите во рок од 7 часа по завршувањето на гласањето, врз основа на податоците од избирачките одбори. Овие резултати се истакнуваат на огласната табла во општината и се соопштуваат на јавните гласила.
Изборната комисија на Град Скопје ги објавува првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник, во рок од 10 часа по завршувањето на изборите, врз основа на податоците што ги добива од општинските изборни комисии на Градот Скопје. Резултатите се истакнуваат на огласна табла во Градот и се соопштуваат на јавните гласила.
Конечни резултати и изборен модел
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати се објавуваат за секоја општина поодделно. Истата обврска ја имаат и општинските изборни комисии, кои конечните резултати ги објавуваат веднаш, но не подоцна од 24 часа по нивната конечност.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле најмалку една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг не излезат најмалку една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список, изборната постапка за таа општина, односно за Градот Скопје, се повторува целосно.
Изборите за градоначалници во единиците на локалната самоуправа се спроведуваат по мнозински изборен модел, додека изборите за членови на советите се вршат по пропорционален модел, во еден круг.