Претседателот на ДИК Александар Даштевски и членот на Комисијата Борис Кондарко објаснија дека оваа измена на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари и каде судот констатира дека е недозволиво поради пропусти на избирачкиот одбор односно не ставање печат, гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки.
– ДИК на вчерашната седница не го отстрани ставањето на печат на гласачкото ливче. Ставањето на печат на гласачко ливче е задолжително согласно со член 109 став 2 од Изборниот законик. Со тоа секој член на избирачкиот одбор кој работи со гласачките ливчиња задолжително треба да стави печат на гласачкото ливче на местото предвидено за печат. Ваквата измена на Упатството за примена на член 110 од Изборниот законик произлезе од пресудата на Управниот суд каде што меѓудругото се вели: во таа смисла недозволиво е поради пропусти направени од членови на избирачкиот одбор гласачите кои гласале и ја изјавиле својата волја на гласањето, нивните гласачки ливчиња кои немале печат да се сметаат за неважечки“.
Поради ова ДИК го измени Упатството за важечко и неважечко гласачко ливче само во делот каде што се вели дека гласачко ливче е неважечко ако на него нема ставено печат со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на избирачкиот одбор, објасни Даштевски.
Истовремено, како што потенцира тој, ДИК укажува дека определувањето на важечко или неважечко гласачко ливче е опишано во член 110 и 115 од Изборниот законик, додека постапката за гласање се пропишува со член 109 од Изборниот законик.
-Со вчерашното Упатство во ниту еден од наведените членови на Изборниот законик не е направен прекршок. Исто така укажуваме дека на самото гласачко ливче е испечатен бројот на гласачко место каде што припаѓа ливчето со што се спречува и каква било друга манипулација него, рече Даштевски.
Тој посочи дека имајќи ги предвид сите реакции од јавноста, ДИК ја укинува вчерашната измена на упатството за важечки и неважечки ливчиња со што во сила ќе го стави претходното Упатство.
-Нагласувам дека избирачките одбори доследно треба да ја почитуваат одредбата од член 109 став 2 од Изборниот законик и задолжително да стават печат на местото одредено за ставање печат. Секој пропуст во
овој дел ќе се третира како пропуст во постапката и доколку се утврди несоодветно работење на избирачкиот одбор односно непочитување на кој било дел од постапката, а особено на член 109 став 2 од Изборниот законик ќе биде предмет на покренување на кривична постапка, рече Даштевски.
Членот на ДИК Борис Кондарко истакна дека сите членови на Комисијата стојат зад оваа постапка на ДИК со соодветните дадени образложенија.
-Само сакаме да нагласиме на уште на еден факт. За оваа новонастаната ситуација што се отвори во јавноста произлезе од пресудата на Управниот суд и Судот е тој кој во својата пресуда прогласи ливчиња без печат за важечки ливчиња, а не ДИК. Судот тоа го направи. Напротив ДИК и денеска и вчера повика, укажа и побара од избирачките одбори да ставаат печати на гласачките ливчиња, рече Кондарко.
Потенцира дека во врска со оваа пракса што ја создаде Судот, одговорноста за постапувањето ќе ја има Управниот суд кој ја донесе ваквата пресуда и со ваквиот негов став. Ова, како што потенцира, директно произлезе од одлуката на Управниот суд кој ливчиња без печат ги прогласи за важечки.
-Ние во соопштението укажавме што значи неставање на печат, меѓутоа понатаму треба да размислат изборните органи како постапуваат во врска со ова прашање. Законот е јасен, нашиот став е јасен и жалам што се доведовме во ситуација поради ваквата пресуда на Управниот суд која со прогласувањето на ливчиња без печат за важечки дојде до прегласување на едно избирачко место во Шуто Оризари, рече Кондарко.
ДИК, како што кажа, тој нема намера понатаму да дебатира со одлуката на Судот, туку само појаснуваат на јавноста за што станува збор. Гласачкиот материјал, како што беше појаснето, за избирачкото место во
Шуто Оризари е отворан и од таму произлегла одлуката на Управниот суд.