Навремено започна гласањето, отворени се сите избирачки места
До 9:15 часот денеска, право на глас оствариле 41.890 граѓани, што според обработените податоци од 77% од избирачките места, изнесува 3% на ниво на целата држава.
По општини, најголем одзив до овој час имаат Зелениково 5,62%, Градско 5,61% и Вевчани 5,02%, а најнизок одзив е забележан во Боговиње 1,29% и Гостивар 1,71%. Другите општини бележат следни вредности: Битола 3,38%, Богданци 4,68%, Бутел 3,63%, Гевгелија 4,30%, Делчево 4,11%, Демир Капија 5,27% и Карпош 3,09%.
„Гласањето започна навреме на сите избирачки места и се одвива без проблеми. До овој момент, ДИК не регистрираше никакви сериозни попречувања на изборниот процес“, изјави Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија.
Технички проблеми решени непречено
Во Куманово, на избирачкото место 1133, каде што се запишани 12 гласачи, поради прекин на електричната енергија, ДИК донесе одлука гласањето да продолжи непречено без биометриска идентификација, користејќи УВ ламба и УВ спреј, бидејќи ЕВН информираше дека за санација на проблемот ќе бидат потребни најмалку 1,5 час.
Слична мерка беше применета и во Штип, каде технички причини го онеможија стартувањето на биометрискиот уред. И таму гласањето продолжи со УВ ламба и УВ спреј, со цел да не се одложи процесот.
„Ова се единствените две избирачки места каде беа применети ваквите решенија, за да се обезбеди непречено остварување на избирачкото право“, додаде Кондарко.