Владата обезбедува финансиска конструкција за реализација на третата делница од железничкиот Коридор 8, од Крива Паланка до границата со Бугарија. Поддршката е обезбедена преку Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Денеска беа потпишани амандмани на договорите за финансирање, како и амандман на договорот за грант и проектниот договор. Документите ги потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП „МЖ Инфраструктура“ Синиша Ивановски и директорот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, како и раководителот на Канцеларијата на ЕИБ во Скопје, Бјорн Габриел.
На потпишувањето присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
„Со денешното потпишување на овие амандмани на договорите за финансирање и договорот за грант обезбедуваме финансиска конструкција што ќе овозможи целосна реализација на проектот, трета делница од железничкиот Коридор 8, Крива Паланка-граница со Република Бугарија, а кој не само што ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море, туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и стоките, како и за нови можности за развој на македонската економија и на целиот регион“, рече министерката.
Димитриеска-Кочоска: Се создаваат услови за непречена реализација
Министерката за финансии потенцираше дека со обезбедувањето на финансиската конструкција се создаваат услови за непречено продолжување на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.
„Средствата за имплементација на третата делница се обезбедени со поддршка од нашите долгогодишни партнери, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Овие институции со години се меѓу најзначајните поддржувачи на развојните проекти во нашата држава, инвестирајќи во транспортна инфраструктура, енергетика, водоснабдување и во поддршка на приватниот сектор“, наведе министерката.
Таа додаде дека Владата има јасна определба за реализација на стратешките инфраструктурни проекти. Притоа, потсети дека во изминатите две години интензивно се работи на забрзување на динамиката на проектите што биле наследени со застој, како и на започнување нови инвестиции.
Според неа, овие инвестиции треба да придонесат за подобри услови за живот, унапредување на економијата и напредок на евроинтегративниот процес.
Посочувајќи дека со усвоениот Ребаланс на Буџетот се обезбедени 14,3 отсто повеќе средства за капитални расходи, министерката оцени дека станува збор за инвестиции во повисока конкурентност на македонската економија, подобра регионална поврзаност, нови можности за бизнисот и повисок животен стандард за граѓаните.
„Остануваме посветени на реализацијата на овие цели, водејќи сметка истовремено да ја зачуваме стабилноста на јавните финансии. Токму таквиот пристап преку одговорно управување со јавните финансии, обезбедување средства за капитални инвестиции и силно партнерство со меѓународните финансиски институции создава основа за одржлив економски раст, поголема конкурентност и побрза интеграција на нашата држава во европските транспортни и економски текови“, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
