Големо незадоволство изразија земјоделците од Струмичкиот регион поради ниската откупна цена на црвената пиперка – ајварка.
Производителите на пипер денеска се собраа на протест во струмичкото село Муртино и го повикаа министерот за земјоделство Борче Серафимовски да дојде во Струмица да ги чуе маките на земјоделците, да посредува со откупувачите да се понудат реални цени за родот. На денешниот протест се приклучија и градинарите од останатите струмички села.
За производителите е неприфатлива цената од 25 денари за килограм пиперка, сума која не ги покрива производствените трошоци, а не пак трудот на земјоделецот. Најавуваат блокади на патиштата, пренесе Независен.
„Не е нормално по цела година мака, пот и трошоци, родот да ни се откупува по мизерни 25 денари за килограм, цена што не ги покрива ни основните вложени средства за производство, како трудот на земјоделецот да нема никаква вредност. Тоа е директна навреда за нас земјоделците, потценување на нашиот труд и сериозен удар врз опстанокот на семејствата што живеат од ова производство“, велат производителите од село Муртино на протестот и додаваат:
„По двонеделен неуспешен обид да стапиме во контакт со Министерот за земјоделство Борче Серафимовски и надлежните институции, јавно бараме итен состанок со министерот, со цел конечно да се отвори сериозен разговор и да се најде трајно решение за проблемот со ниската цена на црвениот пипер.“
