Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевси, денеска по повод 11 Ноември – Денот на ослободување на градот Куманово ја отвори Свечената седница во општината, на која го честиташе овој голем празник на кумановци.
Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:
-Денеска имам особена чест да ја отворам свечената седница и заеднички да го одбележиме 11 ноември, Денот на ослободување на градот Куманово.
Овој ден за нас кумановци е ден што претставува симбол на слободата, на победата, на вредностите кои треба да ги негуваме за сите нас, за нашите деца и идните поколенија. 11 ноември е од големо значење на нас кумановци. Денеска, одбележуваме 77 години слободно Куманово и од пред спомен Костурница им оддаваме најголема почит и признаниена нашите борци, херои кои го ослободија нашиот град и нашата македонска држава.
Овој ден е особено значаен во македонската историја. На денешен ден, во 1944 година наше Куманово е ослободено од германски и бугарски фашистички окупатор. 11 Ноември претставува симбол на слобода, пркос, победа. 11 Ноември претставува и симбол на заедништво и верба за подобро утре за нас, за нашите деца, за идните поколенија.
Многу аналогија има овој датум со борбата за слобода. Многу аналогија има од аспект на сегашноста, кога бевме соочени со големи предизвици. Тие предизвици не направија посилни, посложни.
Најголема мудрост е да се учи од грешките од минатото. Способност е да ги избегнуваш истите грешки во сегашноста и иднината. Ако ги повторуваме истите грешки и не сме научиле нешто од нив тогаш имаме проблем со нормално функционирање.
Овие денови ни се значајни да не потсетуваат на сите жртви за слободата. Да не потсетуваат за вистинското значење на зборот слобода. Овие денови се важни да не потсетат дека животот е борба, дека не треба да се откажуваме и дека слободата нема цена.
Народноослободителната и антифашистичка борба е нашата гордост. Борците од НОБ се хероите кои ни создадоа македонска држава и ни оставија аманет да ја чуваме, негуваме и унапредуваме Македонија. Борците од НОБ се најзаслужни што денеска имаме своја држава. Наше е денеска да ја штитиме македонската историја, јазик и идентитет. Да чуваме и да се гордееме со неа, затоа што отсекогаш македонскиот народ бил на вистинската страна, на страна на антифашизмот, на прогресот, на мирот. На страна на граѓаните.
Би сакал да истакнам дека гордо продолжуваме по нивниот пат. Продолжуваме заеднички да ја градиме и развиваме Македонија. Продолжуваме заеднички да го подобруваме Куманово. Продолжуваме заеднички да создаваме европска и модерна општина.
Денеска, покрај одбележувањето на 77 години слободно Куманово, исто така, одбележуваме и 502 години од постоењето на овој наш македонски град. Град во кој се почитуваат различностите и се негува соживотот. Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, сите заеднички и сплотено со една единствена цел: Куманово да биде поубаво место за живеење.
Оваа цел успеавме да ја реализираме и да ја сочуваме. Денеска, без разлика на етничка, верска, политичка или каква било друга припадност, граѓаните се сплотени, граѓаните си помагаат и се почитуваат меѓусебно. Успеавме заеднички да создадеме похумано и поинклузивно Куманово. Верувам дека со истите вредности и принципи ќе продолжиме заедно.
Во првиот мандат како градоначалник, во периодот 2017/2021 година имплементиравме повеќе од 400 проекти од различни области од инфраструктура, образование, гасификација, спорт, заштита на животната средина, култура итн. Успеавме за 4 години да направиме поуспешна приказна за Куманово. Создадовме општина во која соживотот е на прво место. Ги подобривме условите во градинките, основните, но и средните училишта. Ја подобривме патната инфраструктура, вложуваме во гасификација, обезбедуваме поквалитетни услови за работа, градиме нови спортски игралишта и правиме се за да ја заштитиме животната средина.
Нашиот концепт е граѓански, и токму затоа, во следните 4 години во планот за работа предвидено е реализација на повеќе од 800 проекти. Но, без поддршка од сите вас, од советниците нема да може да успееме. Во следните 4 години потребни сме сите на овој план.
Оттука, на овој голем и значаен ден, Ве повикувам на заедништво, на соработка, на напредок. Ве повикувам на единство. Ајде заеднички да продолжиме по патот на развојот. Куманово заслужува да биде модерен и урбан град. Куманово заслужува да продолжи да биде борбен, хуман и револуционерен град. Куманово заслужува многу повеќе. Знам дека и вие истото го посакувате. За граѓаните, за нас, за нашите родители и деца. За нашето Куманово.
На овој ден, Ве повикувам да работиме тимски. Да бидеме одговорни и со грижа кон нашите сограѓаните.
Да бидеме конструктивни и да ги носиме најдобрите локални политики. Ова им го должиме на нашите предци и затоа мора да продолжиме по патот на напредокот.
Мора да продолжиме Куманово да го унапредуваме и развиваме во модерна и европска општина. Куманово е нашиот град. Куманово е градот на нашите деца. Куманово е слободен и урбан град кој заслужува многу повеќе, заеднички! Нека ни е честит 11 Ноември – Денот на Ослободување на Куманово!