Максим Димитриевски пред влезот на Собранието пред почетокот на денешната конститутивна седница на парламентот рече дека ќе го поддржат Африм Гаши, претседателот на партијата Алтернатива, која на изборите настапи како дел од коалицијата „Вреди“, доколку биде предложен за претседател на Собранието.
„Сакам да посакам успех на новиот собраниски состав. Чест ми што денеска имам можност да присуствувам на оваа конститутивна седница. На пратениците им посакувам да ги застапуваат граѓанските интереси, а потоа и политичките платформи. Сепак, се народни пратеници, избрани од граѓаните“, рече тој.
На новинарско прашање во врска со разговорите за новата влада, Димитриевски вели дека сè уште не се договорени никакви кадровски решенија додавајќи дека за нив во втор план се поделбата на власта и министерските позиции. Во прв план, според лидерот на ЗНАМ, е да го исполнат она што го ветиле во предизборниот период.