Разговорите за изнаоѓање решение за спорот со Бугарија и почеток на преговори со ЕУ, мора да продолжат, во спротивно и двете земји и ЕУ ќе бидат губитници. Ваква порака испрати денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Тој е дециден дека не треба да се креваат раце од решавање на спорот со Бугарија.

– Или ќе бидеме сите губитници или ќе бидеме сите победници. Ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех. Меѓутоа мислам дека и Бугарија има многу што да изгуби, бидејќи ја пропуштаме приликата и треба да ја вратиме, да имаме вистинско блиско партнерство и соработка, вели Димитров.

Тој смета дека за време на португалското претседателство треба да се направи сѐ што може, поради што треба да се искористат сите шанси. Но, според Димитров, нема гаранции дека земјата ќе ги почне преговорите во јуни.

– Нема гаранции, да бидеме реални. Не сакам ни надежта којзнае колку да ја поткревам. Мое е да го кревам влогот и да бидам што е можно поискрен и дома и надвор, рече Димитров.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска смета дека е тешко да се бара решение за проблемот во ситуација кога речиси е извесно дека во наредните месеци со Бугарија ќе управува техничка влада.

– Искрена да бидам, не очекувам без партнер од другата страна и со техничка влада, можен пресврт во однос на односите со Бугарија за нашето членство во ЕУ. Но, она што треба да го правиме до јуни е да ги потсетуваме сите, оти ние нашите обврски ги исполнивме и очекуваме ист тип посветеност и доследност и од страна на ЕУ, изјави Шекеринска.