Вицепремиерот пред учесниците на панелот посветен на пристапувањето во ЕУ, насловен: „Патот кон ЕУ: што да очекуваме кога очекуваме?“ посочи дека Македонија успеа да го реши долготрајниот спор за името токму затоа што Грција го призна и прифати правото на граѓаните на самоопределување. Но сега земјата на патот на нејзината евроинтеграција се соочува со проблем што, како што појасни, досега бил третиран како прашање од техничка природа.

Според него, прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувавање на европскиот идентитет, токму на вредностите за кои ЕУ треба да ги предводи.

– ЕУ не е само економски гигант, туку водечки пример во наративот на вредности. Преку Лисабонскиот договор државите-членки на Унијата се обврзаа да ги штитат и негуваат јазичните и културните различности на контитентот, така што не е европски ние сега да се соочуваме со пречка што досега беше третирана како прашање од техничка природа, рече тој.

Притоа Димитров посочи дека природно е овој дел на Европа да биде дел од ЕУ оттаму што припаѓа тука и географски, економски, историски, политички.

– Бегалската криза и појавата на т.н. „Балканска рута“ беше очигледен пример дека регионот е интегрален дел на европската безбедност и ЕУ. Најголемиот проблем што ЕУ го има по однос регионот денеска е губењето на довербата и вербата на луѓето од Западниот Балкан во декларациите и одлуките што ги носат европските лидери. Станува збор за регион што се наоѓа во дворот, а не на границите на ЕУ, што дава дополнителна тежина на проблемот со кој се соочува Унијата, а чие нерешавање долгорочно како последица ќе значи на силите во регионот што веруваат во европските вредности, рече тој.

Вицепремиерот Димитров е предвидено да има свое обраќање попладне на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог „Патот до Преспа“, како и на пленарната сесија во рамки на собирот во Охрид закажана за утре.