Во јули минатата година директно ѝ се обратив на Претседателката разочаран од нејзин настап во врска со Преспанскиот договор (линк во коментар). Објаснувајќи ѝ каде греши, советував дека токму Преспанскиот договор е едно од најсилните оружја што ги имаме во битката за идентитетот и дека наместо да биде напаѓан, тој треба максимално да се искористи.

пишува: Никола ДИМИТРОВ

Година дена подоцна во свој нов настап Претседателката тоа го потврдува.
Јас сум меѓу оние кои најмногу претрпеа и трпат штети од пропагандата која тврдеше дека Договорот е поразителен за македонскиот јазик и идентитет.

Ако се водам од логиката на евтината, популистичка и празна македонска политика, денеска би требало да ликувам, да се ситам и да напаѓам.

Ништо од тоа не ѝ помага на нашата Македонија.

Ставот на Претседателката треба да се поздрави. Како што Претседателката имаше храброст и доблест тоа да го признае, на истите линии треба да застанат и сите кои ѝ мислат добро на земјата. Тоа е вистината и нашите позиции во надворешната политика ќе бидат далеку посилни ако заедно застанеме зад таа вистина, со сите наши различни идеи за тоа дали било или не било можно подобро решение. Видовме дека битките за македонскиот јазик и идентитет не биле лесни за водење надвор од границите, па навистина потребна е елементарна свест и големина да се признае процес во којшто Грција ставила потпис на македонски јазик и идентитет.

Истовремено, ништо, ама ништо од ова не важи за дебаклот наречен “Француски предлог” иако кабаетот за тој дебакл си го носи пред сѐ тогашната наша влада. Наспроти Грција, Бугарија написмено среде Брисел кажа дека никогаш нема да го признае македонскиот јазик!

И лани во јули и денес кажувам дека треба да сте апсолутно неписмени или апсолутно наивни за да мислите дека Преспанскиот договор и “Францускиот предлог” се исти.

Нив не може заедно ниту да ги фалите ниту да ги критикувате – тие се суштинска спротивност.

Професор доктор Огнен Вангелов (и многумина други) тоа одлично го има објаснето во неговите трудови, со посебен акцент на сите катастрофи кои произлегуваат од Вториот протокол што во пристапниот процес вградува билатерални услови. Јас особено жалам што многу наши умни граѓани, кои ја делат нашата идеја водилка за европска иднина, не навлегле во деталите и не знаат или не сакаат да знаат дека ништо од овој „пакет“ не е патот за ЕУ.

Тезата дека ако ги внесеме Бугарите во уставот мирно ќе си водиме преговори и следната сопка ќе биде за нашите неисполнети реформи во важни области се лага. Внесувањето на Бугарите во Уставот без соодветна правна заштита води само до нов ѕид од ист материјал – нова агонија полна со билатерални маки, бугарски уцени и ново вето.

И ова не е прашање на толкување, ова е јасно нацртан пат со Вториот протокол.

Затоа нам ни треба излез. Ни треба акција. Ни треба поместување.

Ништо од ова нема да дојде ако сме разединети. Ништо од ова нема да дојде со ликување и со политиканство. Со оваа политика на пизма и мавање со кал. Има во оваа земја колку сакате теми на кои можете да си ги вадите очите. Националните интереси тоа не смеат да бидат!

Белким можеме да учиме и ние нешто од соседите.

Негаторите на Преспанскиот договор имаат должност да застанат на линијата на Претседателката, а опозицијата нема право да ликува и да се потсмева дека некој променил став додека самата сѐ уште нема абер да си ја признае сопствената огромна грешка на прифаќање на Пакетот што нѐ упропасти.

Претседателката се „освестила“… ама што правиме со вас? Дали таму воопшто некој има свест да признае, да се одважи и да каже дека погрешија. Јас верувам дека има. И ги повикувам да се гласни!

Оти нивниот молк денес веќе не е погубен само за таа партија, туку е и за државата, која во услови кога е брутално и обединето нападната однадвор не умее да застане заедно и обединето да се брани.

Черчил вели: “Кога сум во странство, никогаш не си дозволувам да ја напаѓам владата на сопствената земја. Тоа го надоместувам кога ќе се вратам дома.” Во таа една реченица има повеќе државничка мудрост отколку во купишта партиски соопштенија на оваа тема. Затоа што тој разбрал една суштинска работа: за ваква тема што вклучува друга држава не зборуваш како партиски војник. Зборуваш како ќерка/син на својата татковина.