Потпретседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања, објасни дека при секоја негова посета на Атина, учи по еден грчки збор, а по зборовите „пријателство”, „договор”, „спокој”, „визија”, денеска, на дебатата за почеток на европскиот процес, спомена нов збор – „сега”, паралелно упатувајќи порака дека време е за исполнување на ветувањата.

-Мислам дека ние сме една од највпечатливите саги, кога станува збор за европската интеграција. Бебе родено во Скопје ќе имаше 20 години, ако беше родено на денот кога ја потпишавме Спогодбата за асоцијација и стабилизација со Европската Унија. Изгубивме генерации и многу години, ги тргнавме блокадите, Комисијата континуирано вели дека сме подготвени да ги почнеме пристапните разговори, а еден начин како да му помогнеме на нашиот случај, јас патував во многу европски главни градови, е да објасниме зошто ова е во интерес и на земјите-членки и на институциите во Брисел, порача вицепремиерот.

Димитров истакна дека влогот на Унијата треба да биде јасен дека „нашиот успех ќе биде успех за сите, за ЕУ, ќе биде успех за регионот за Западен Балкан и ќе биде успех за сите наши соседи, за Грција, а исто така и за Бугарија”.

-Мислам дека она што се случува со нас дали Европа ќе го одржи ветувањето, ќе биде порака за останатите во регионот, истакна Димитров.

Објасни дека Македонија е дел од регион што географски е европски и сме опкружени со земји членки на Европската Унија, се граничиме со ЕУ, а „економски ја делиме европската судбина”.

На панел дискусијата, шефот на кипарската дипломатија Никос Христодулидис и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис изразија силна поддршка за Македонија за почеток на преговори со ЕУ.

Варвициотис потенцираше дека тие се против одвојување на Македонија и Албанија , а ЕУ треба да ги исполни ветувањата, додека пак Христодулидис изрази надеж дека наскоро ќе има добри вести за нашата земја.

Панел дискусијата беше на тема „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок”, а Димитров истакна дека е особено важно регионалното опкружување, но и дека „колку повеќе пријатели имаш толку стануваш посилен”.