Димитров се заблагодари на пријателска Германија, како дел од Триото на претседателства, за заложбите за спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ заради ревитализација на политиката на проширување и вистинско приближување кон европските вредности и стандарди во рамки на пристапниот процес.

-Ние во изминатиов период, и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ, но и последниве месеци работиме многу одблиску за да направиме нешто што сум убеден дека е заеднички успех и за македонските граѓани кои заслужуваат чекор кон едно „европско утре”, и за целиот регион на Западниот Балкан, и за сите наши соседи – и тие што се членки и тие што не се членки на Унијата; и за Европската Унија во смисла на кредибилноста, но и влијанието што Унијата го има во овој регион што е географски во рамките на практично, самата ЕУ, истакна Димитров.

Вицепремиерот Димитров се осврна на главните реформи во контекст на европската интеграција, како и иницијативите за отстранување на пречките за усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, активно поддржани и од германската страна како заедничка стратешка цел.

-Предлогот од португалското претседателство со Советот на Европската Унија од наша страна беше оценет како добра основа за конечно решение. Јас сум убеден дека со добра волја од двете страни можеме да најдеме едно европско решение коешто ќе се темели на европските принципи. Имаме многу заеднички интереси, често зборуваме за заедничка историја меѓутоа треба да работиме и за заедничка европска иднина. Така што ако мислиме на сѐ ова што нѐ поврзува, и на македонско-бугарското пријателство, мислам дека со добра волја и пристап од двете страни ова е возможно. Имаме одговорност спрема сегашната генерација, имаме одговорност спрема идните генерации. Мора двата соседа да бидат победници затоа што статус квото, одолговлекувањето на проблемот, прави од нас губитници, истакна Димитров.

Министерот Рот истакна дека од германска страна постои решителен став за неодложно отворање на пристапните преговори, кои што одамна се заслужени и требаше да отпочнат, а е важен сигнал и за европската идеја во регионот:

-Ние за време на германското претседателство со Советот на ЕУ се обидовме да постигнеме голем напредок бидејќи вие драги Македонци тоа го заслуживте. Вашата земја постигна голем напредок, се охрабривте да решите еден голем историски спор и легитимно е да очекувате ние од страна на ЕУ да ги исполниме нашите ветувања. И сакам да ви ветам дека не е само Германија на вашата страна, туку дека и партнерите во ЕУ исто како и претходно се за конкретна перспектива за сите, се чувствуваат обврзани за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан. Сега работиме на тоа, сега за време на португалското претседателство со Советот на ЕУ тоа да може да успее и јас сум оптимист. Цврсто сум убеден во тоа дека ако сега не испорачаме како ЕУ, дека тогаш оваа динамика, оваа доверба ќе биде изгубена.