Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров утре ќе престојува во работна посета на Естонија.
Како што соопшти СЕП, предвидени се средби со министерката за надворешни работи Ева-Марија Лииметс, со претставници на естонскиот парламент (Riigikogu) – Марко Микелсон, претседател на Комитетот за надворешни работи и Сиим Каалас, претседател на Комитетот за европски прашања, како и со претставници од кабинетот на премиерката Каја Калас, задолжени за европски прашања.
Вицепремиерот Димитров ќе се сретне и со директорот на Естонскиот центар за источно партнерство, Герт Антсу.
По неодамнешните посети на Вилнус и Рига, со Талин, Димитров ја заокружува балтичката турнеја, надоврзувајќи се на серијата посети на главни градови на ЕУ земји членки, значајни за евроинтегративниот процес на С.Македонија.
Во светло на поддршката за пробив на нашиот европски пат, Димитров ќе ја пренесе пораката за потребата од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ што побрзо.
На средбите ќе се дискутира и за зајакнување на билатералната соработка меѓу С. Македонија и Естонија, со особен фокус на процесот на дигитализација. Преку конкретна експертска поддршка, како една од најуспешните европски земји во однос на дигитализацијата, Димитров ќе разговара за пренесување на естонските искуства со е-влада, како и дигитализација на процесите и услугите за граѓаните и бизнис заедницата, стои во соопштението на СЕП.