Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денеска во Берлин на маргините на министерската конференција на Обединетите нации за мировни операции Берлин 2025, оствари средба со државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Гунтер Кирхбаум.

Признавајќи го напредокот што земјата го има постигнато во спроведувањето на реформите и унапредувањето на европските вредности, министерот Кирхбаум изрази верување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.

Соработката и солидарноста остануваат клучни принципи на патот кон ЕУ и укажа дека остануваат посветени на поддршката на процесот на проширување, кој придонесува за стабилност, просперитет и заеднички развој во регионот.

Министерот Кирхбаум истакна дека германската влада ќе се залага за изнаоѓање механизам во ЕУ за надминување на блокадите на процесот на европска интеграција на земјите кандидати со билатерални прашања и додаде дека проширувањето треба да биде процес на заслуги.
Заменик министерот Димитровски се заблагодари на досегашната поддршка од Сојузна Република Германија за полноправно членство на РС Македонија во ЕУ.

Изрази очекување за продолжување на досегашната помош и поддршка за одболокирање на процесот на ЕУ интеграција на РС Македонија и за надминување на сегашната ситуација и укажа на потребата од изнаоѓање компромисно решение, напоменувајќи дека од наша страна се направени многу отстапки во минатото и дека е време на земјата да и се понуди предвидлив пат до полноправно членство во ЕУ.
Двајцата соговорници се согласија за важноста од исполнувањето на копенхашките критериуми како најважни услови за полноправно членство во унијата.