Капиталните инвестиции се особено важни за секоја општина бидејќи истите имаат долгорочни ефекти. Реализираните капитални инвестиции влијаат позитивно на растот на секоја општина и позитивно во делот на подобрување на животот на жителите на општините, но доколку ги погледнеме податоците тие ни покажуваат дека претходните градоначалници од СДСМ не се не се грижеле доволно да го развијат локалниот економскиот развој, изјави Гоце Димоски на денешната панел дискусија насловена „Што наследија општините“.

Тој потенцираше дека капиталните инвестиции за време на градоначалниците на СДСМ се разочарувачки, иако науката докажала јавните финансии преку капиталните инвестиции се погодно поле за соработка помеѓу локалната власт и приватниот сектор, а тоа значи дека се создаваат услови за успешен локален економски развој.

Димоски преку анализа на два периоди 2013 -2016 споредено со 2018 – 2021 појасни што наследија општините, односно колку лоша реализација на капитални инвестиции имале градоначалниците од СДСМ.

– Во Аеродром ако се погледне периодот 2013-2016 можеме да заклучиме дека вкупните расходи во тој период по глава на жител изнесувале 692 евра, додека пак капиталните расходи околу 146 евра по глава на жител односно реализацијата на капиталните инвестиции во тој период изнесувала околу 21% од вкупните расходи. Ако погледнеме 2018-2021 можеме да констатираме дека вкупните расходи се 744 евра по глава на жител, додека пак капиталните расходи за тој период само 95 евра, и тоа покажува дека се намалиле капиталните расходи во тој период, изјави Димоски.

Тој додаде дека во општина Босилово период 2013-2016 вкупните расходи по глава на жител изнесувале 575 евра, додека пак вкупните капитални расходи изнесувале 166 евра по глава на жител или тоа е околу 30% од вкупните расходи, додека пак 2018-2021 вкупните расходи се 576 евра по глава на жител, додека пак реализираните капитални инвестиции по глава на жител за тој период се 89 или само 15%.

– Во општина Бутел за 2013-2016 вкупните расходи по глава на жител изнесувале 657 евра, додека пак капиталните расходи изнесуваат 132 евра, односно во тој периоди биле реализирани околу 20% капитални инвестиции од вкупните расходи во тој период. Додека за 2018-20121 констатираме дека вкупните расходи се зголемени на 838 евра по глава на жител што значи има зголемување, а пак капиталните расходи изнесуваат 127 евра по глава на жител или 15%, рече Димоски.

Димоски за општина Кратово истакна дека за период 2013-2016 имала вкупни расходи од 1032 евра по глава на жител, додека пак капиталните расходи изнесувале 310 евра, а ако погледнеме 2018-2021 имаме скоро исти расходи околу 1010 евра по глава на жител, додека пак капиталните расходи се 169 евра по глава на жител што значи многу помалку.

– За Град Скопје 2013-2016 вкупните расходи по глава на жител изнесуваат 369 евра, додека капиталните расходи се 170 евра по глава на жител, односно реализирани капитални инвестиции во Скопје се 30% од вкупните расходи на градот. Ако погледнеме 2018-2021 можеме да видиме дека вкупните расходи се 696 евра, односно дури се за 88% поголеми, но капиталните расходи се 191 евро или 17% од вкупните расходи, рече Димоски.

Тој нагласи дека врз основа на овие податоци можеме да констатираме дека учеството на капиталните инвестиции во однос на вкупните расходи се разочарувачки.

– Можеме да заклучиме дека периодот 2018-2021 се карактеризира со тоа дека вкупните расходи се зголемувале, а за жал се помалку и помалку капитални инвестиции се реализирале. Односно тие градоначалници не се грижеле доволно да го развијат локалниот економскиот развој, заклучи Димоски.

Димоски додаде дека Македонија за време на градоначалниците на СДСМ назадува по странски инвестиции иако секоја нова странска инвестиција ја подобрува економијата, обезбедува работни места, ги ангажира локалните компании за услуги и деловни соработници.

– Ако погледнеме 2019 година Македонија успеала да привлече 3,2% од БДП од странски директни инвестиции, а ако тоа го споредиме со останатите држави од регионот може да видиме дека сме на дното и истото за 2020 кога е 1,9%, за споредба едно Косово им 4%, Србија 4,8%, а Црна Гора 11,1%. Приливот на странски инвестиции по глава на жител за првите 9 месеци од 2021 година се скромни 137 евра споредено со земјите од регионот сме на дното. Ова се должи на што оваа влада не покажа амбиција за поволни бизнис услови, рече Димоски.