Тој вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на оперативни сали и денови кај колегите од хирургија и секојдневно е информиран за оперативниот програм во установата.
– Меѓутоа, согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни поради болест, нивниот ангажман во ковид одделенијата, редуцираниот број на хируршки одделенија поради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид позитивни пациенти согласно препораките на Министерството за здравство во кои е потребен поголем број медицински персонал, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури). И овие интервенции се одвиваат без застој, вели Костов.
Тој додава дека постои редукција на елективниот програм.
– Овој програм не само во нашата установа туку и секаде во светот е во слична состојба поради пандемијата (ангажирање на персоналот за лекување на приоритетните пациенти заболени од ковид). Воедно би сакал да нагласам дека од колегите имаме потреба за помош во лекувањето на ковид позитивните пациенти кои лежат во ковид одделенијата, и ќе се вклучат во овој процес на лекување до периодот кога ќе се создадат услови за работа на хируршкиот колектив во полн капацитет, вели Костов.