Бојан Христовски даде оставка од позицијата директор на ЈП градкси паркинг   Скопје. Како што пишува на социјалните мрежи, Христовски е разочаран од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска поради политичко медиумски конструкции против директор на јавно претпријатие и секретарот на град Скопје кои без аргументи и факти експресно биле елиминирани. Спореd него мерило за успех не се резултатите , туку игри за други интереси.

Нема да дозволам било кој, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат, пишува Христовски.

Во продолжение статусот на Христовски

Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП Градски паркинг Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција.
Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие.
Но сепак морам да истакнам дека градот Скопје е комплексен систем на институционално управување во кои се испреплетени повеќе фактори. Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните. Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје.
Зад мене остануваат повеќе тековни активности и новитети, но и суштински проекти имплементирани во претпријатието од кои би ги издвоил:
– Финансиска стабилност и самостојност и покрај намалувањето на цените за зонско паркирање од 25% со кој се излезе во пресрет на потребите на скопјани,
– Реновирање, осветлување и молерисување на катните гаражи
– Зголемена хигиена на сите паркиралишта
– Обележување на регуларни паркинг места и места за лица со попреченост
– Возобновување на услугата шлеп служба
– Бесплатно паркирање за крводарители и повластени цени за специјализанти
– Зголемена транспарентност преку редовна комуникација со медиуми, функционалност на веб страна и нова ФБ страна
– Набавка на нова ХТЗ опрема за сите вработени
– Набавка на 70 нови дигитални уреди за контрола на паркирањето
– Надградба на системот за зонско паркирање (смс „потсетник“ за паркирање и тн.)
– Пос терминали на сите паркинзи
– Подобрување на услугите на паркиралиштето на Клиничкиот центар (нов наплатен пункт, поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, во крајна фаза нови 2 паркомати и „при-пејд“ картички со 20 минути транзит период итн)
Сите овие, но и останатите новитети би биле невозможни без големиот број на исклучително квалитетни и креативни професионалци и ентузијасти на кои сум им бескрајно благодарен за нивните напори за остварување на програмските цели. Динамичната работа и позитивниот притисок носат резултати. Поради тоа, со задоволство истакнувам дека позицијата ја напуштам со мојата последна одлука, а тоа е иницијатива до управниот одбор за заслужено линеарно зголемување на основната плата на сите вработени во вредност од 3000,00 денари.
Сметам дека успесите на Градски Паркинг постигнати во едни тешки околности се значајни да ги истакнам. Тие ќе беа уште поголеми доколку имаше целосна поддршка од Градот и градоначалничката. Во мојот живот борбата за принципите во кои верувам се поважни од функцијата. Влегов достоинствено, излегувам со чист образ. Нема да дозволам било кој, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат, пишува Христовски.