Со ова почна вториот ден од расправата по Предлог-буџетот за 2022 во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што образложи Катица Николовска, член на ДКСК, Државната комисија за спречување на корупцијата побарала 13 543 000 денари за 2022 година, но со Предлог-буџетот и се одобрени 10 милиони денари.
-Тие 3.543 милиони денари, рече Николовска, се незначителни за државниот буџет, но се многу важни за ДКСК.
Од дополнителните шест милиони денари што ги бара ДКСК и за кои побара поддршка од членовите на Комисијата за финансирање и буџет, три, објасни Николовска, се за капитални расходи, а останатите се за подмирување на основните расходи: плаќање струја, чистење, вода.
-ДКСК за 2022 година има потреба од 13 543 000 денари, а и се одобрени 10 милиони денари. Бараме да го поддржите нашето барање и преку амандман да одобрите дополнителни шест милиони денари од кои три се за капитални расходи, а 3.543 милиони за подмирување на основните расходи, струја, чистење, вода, истакна Николовска.
Според неа, ДКСК мора да има ресурси за да работи. Просторните услови се решени, но има потреба од нови вработувања. Засега во Комсијата се вработени вкупно 34 лица што е 50 отсто од предвидените.
Во кусата расправа што следуваше, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласија да интервенираат заеднички, со амандман. Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, рече дека не е спорно дали тие три милиони денари ќе се додадат зашто е битно ДКСК да функционира.
-Дури и да нема амандман, при второто читање може директно да ставиме. Не е спорно дали тие три милиони ќе се додадат во работењето, битно е институцијата да функционира, потенцира Бесими.
Тој уште еднаш повтори, откако кажа и вчера во експозето, дека од 2023 година при креирањето на Буџетот ќе бидат на располагање повеќе индикатори за ефикасноста на работењето и перформансот на институциите финансирани од државата.
Претходно, во кусата расправа, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова која прва се јави за збор, во барањето на Николовска препозна несоработка меѓу власта со ДКСК. Рече и дека е нелогично, како некој кој вели дека борбата против корупцијата е приоритет, крати средства за оваа намена.
-Ова е скандал и алармантно. Жалам што денеска се увиде несоработката на ДКСК со Владата зашто ако соработувале, уште во креирањето на Буџетот ќе беа имплементирани барањата на Комисијата. Жално е и што членови на ДКСК се жалат и бараат дополнителни средства, а некој зборува дека борбата против корупцијата е приоритет број еден. Очигледно ниту вицепремиерот за борба против корупцијата не бил запознаен или не сакал да слушне за проблемите, истакна Панова и додаде дека ДКСК има поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за барањето.
На тоа реплицираше Диме Велковски од СДСМ кој изрази надеж дека амандманот за поддршка на ДКСК ќе биде заеднички поднесен и усвоен, на што возврати Панова со констатација дека до вакви амандмани не треба да доаѓа ако власта има јасно изграден став за борба против корупцијата.
Реагираше и министерот Бесими, нагласувајќи дека меѓу Владата и ДКСК секако има соработка, но се прави обид буџетот да се вклопи во рамки на можностите.
За збор се јави и пратеничката Благица Ласковска од ВМРО-ДПМНЕ која обвини дека земјава тоне во корупција.
Пратеникот Бајрам Кадрија побара Комисијата да се држи до дневниот ред, а не, како што рече, да се зборува за се друго, само не за Предлог-буџетот.
-Требаше да реагирате зашто тема е Предлог-буџетот, а веќе 40 минути зборуваме за путери и финансиска полиција. Се вртиме во круг. Ниту ДКСК е предмет на дискусија. Само дојдоа да предложат нешто од технички аспект, нагласи Кадрија.