До 15 јануари рок за регистрација и дерегистрација на ДДВ обврзници

Управа за јавни приходи (УЈП) ги потсетува правните и физичките лица дека најдоцна до 15 јануари треба да ги исполнат обврските поврзани со регистрација и отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (ДДВ).

Кој има обврска за регистрација за ДДВ

Сите лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет над 2.000.000 денари од оданочив промет на добра и услуги се должни да поднесат Пријава за регистрација за цели на ДДВ (образец ДДВ-01). Оваа обврска важи и за физички лица кои изнајмуваат деловен простор, даваат менаџерски, правни, економски, инженерски и занаетчиски услуги, држат приватни часови, продаваат земјоделски производи или вршат друг оданочив промет, доколку во 2025 година го надминале наведениот праг.

Како се пресметува вкупниот промет

Вкупниот промет за цели на ДДВ го опфаќа прометот од продажба на добра и извршени услуги во текот на годината, без прометот ослободен од ДДВ без право на одбивка, како што се изнајмување на станбени објекти за живеење, здравствени услуги, услуги на осигурување, изучување странски јазици и други слични дејности. Во прометот не се вклучуваат ниту услугите извршени кон странски даночни обврзници кои не подлежат на ДДВ. Доколку дејноста се вршела само дел од годината, прометот се пресметува пропорционално, со изедначување на годишно ниво.

Дерегистрација и службено отповикување

ДДВ обврзниците кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната година и кај кои поминале најмалку три години од регистрацијата, како и оние кои во две последователни години имале промет под прагот и не искажале претходен данок, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација (образец ДДВ-01Б). Пријавите за регистрација и дерегистрација се поднесуваат најдоцна до 15 јануари 2026 година, електронски преку системот е-Данок, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. УЈП може и службено да ја прекине регистрацијата доколку утврди неактивност, непријавување или даночно затајување.