Веќе имаме избрано изведувач, односно преземена е трасата на првата делница (Градско-Дреново) од експресниот пат Прилеп – Градско од компанијата „Штрабаг“ и наесен се очекува влез на работите на оваа компанија. На втората делница Дреново – Фариш веќе имаме избрано изведувач кој е воведен во работа и роковите за реализација на овој дел од делницата од експресниот пат веќе течат, информира денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски одговарајќи на прашање од пратеникот Миле Талевски од СДСМ на седница во Собранието.

Во текот на наредните денови или недели, како што рече, ќе има силни градежни активности и зафати на терен со што се очекува во 2023 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш.

– Ова е еден од најзначајните патни правци во државата, се работи за експресниот пат Градско – Дреново – Дреново – Фариш поделен на две делници. Во изминатиот период на оваа делница немаше изведувач , односно двата изведувачи кои беа на трасата, ја напуштија трасата. Државата ги презема со сите свои механизми одговорностите со цел да се изберат нови изведувачи и да продолжи најскоро што е можно работата на оваа многу специфична и тешка делница, секако важна за граѓаните на Прилеп, Прилепскиот регион, на Пелагонскиот регион, на Битола. Ова е едно од клучните прашања кое веќе е надминато, рече Бочварски.

Паралелно со тоа, информира тој, е избран изведувач и за рехабилитација на целиот превој Плетвар, кој очекува наесен, после изборот на надзорен орган за таа делница, да стартува со работа.

– Работиме и на решавање на институционалните прашања и пречки кои се јавија за експресниот пат од Прилеп до Ленишка река каде што очекувањата се дека наскоро ќе ги отстраниме сите овие прашања и предизвици и ќе влеземе во нова тендерска постапка и за овој експресен пат, дополни Бочварски.