Европската унија од сега до 2050 година ќе треба да инвестира 500 милијарди евра во нуклеарни централи од следната генерација, изјави комесарот за внатрешниот пазар на Унијата во интервју објавено изминатиот викенд.

– Само на постојните нуклеарни централи до 2030 година ќе им требаат 50 милијарди евра инвестиции. А на новите генерации ќе им требаат 500 милијарди, изјави Тиери Бретон за Журнал ду Диманш. Бретон, исто така, тврди дека планот на ЕУ енергијата од нуклеарките и природниот гас да се означи како „зелен“ извор е важен чекор кон привлекување капитал.

ЕУ се консултира со своите земји-членки за овој предлог, со внатрешни несогласувања околу тоа дали овие извори на енергија навистина можат да се квалификуваат како одржливи опции.

Франција ја предводи одбраната на нуклеарната енергија, нејзиниот главен извор на енергија, и покрај силното противење од Австрија и скептицизмот на Германија, која е во процес на затворање на сите свои нуклеарни електрани.

Во предлогот се наведува дека Европската комисија „верува дека природниот гас и нуклеарната енергија можат да играат улога во олеснувањето на патот кон иднината, кој главно се заснова на обновливи извори на енергија“.

Во моментов, блокот добива 26 отсто од својата енергија од нуклеарни електрани, но Бретон процени дека до 2050 година тоа ќе се намали на околу 15 отсто.

Во предлогот се наведува и дека за нуклеарната енергија треба да се воведат соодветни мерки за управување и отстранување на радиоактивниот отпад. Се бара изградбата на нови нуклеарни централи да биде условена со издадени дозволи до 2045 година, додека работата за проширување на работата на постоечките електрани треба да биде одобрена до 2040 година.