За разлика од вчера, денеска на сите бензиски има и нафта – ама по нови цени, историски највисоки досега.

Бензинот поскапе за 5,5 денари па сега ЕУРОСУПЕР-95 и ЕУРОСУПЕР-98 се продаваат по цена од 89,5 денари односно 91,5 денари по литар. Дизелот „скокна“ за дури десет денари, па новата цена му е 85,5 денари по литар.

Откако периодов претседателот на Регулаторна, Марко Бислимовски, ги смируваше граѓаните дека нема простор за паника и сме снабдени со нафта, денеска во кус телефонски разговор кажа дека нема да биде достапен за медиумите во следните денови.

„Во момент кога граѓаните се засегнати од енормното поскапување на нафтата и стравуваат дека овој тренд ќе продолжи и во наредните денови, првиот човек на Регулаторна одбива да даде изјава за да објасни на што точно се должи поскапувањето, што се прави за да се спречат ценовни шокови и како ќе изгледа новата методологија за утврдување на цените на нафтените деривати.“

Според соопштението кое доцна синоќа го испратија од Регулаторна, објавувањето на цените на горивата наместо секој понеделник како досега, по потреба ќе се прави на дневно ниво. Целта, како што потенцираат, е да се спречат ценовни осцилации и недостаток на нафта.

Граѓаните не се изненадени од новите цени на горивата со оглед на светските случувања, но стравуваат дека ова ќе повлече низа други поскапувања.

Засега единствената утеха на Регулаторна е дека и натаму имаме најефтино гориво во регионот – во Србија, на пример, литро дизел е 1,55 евра, во Бугарија 1,45 евра, во Хрватска 1,49 во Албанија 1,61 евро и во Грција 1,67 евра.