Вчера заседаваше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

-Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најновото покачување на цените на горивата го проценува како жесток социјален удар врз граѓаните, при што Владата не направи ништо истиот да се спречи и е последица на нејзината неспособност, не водењето на грижа за граѓаните и силна корумпираност. Оправдување не може да биде војната во Украина, со оглед на тоа што самиот претседател Пендаровски кажа дека државниот врв знаел за овие случувања најмалку 4 месеци порано, а владата на Заев и Ковачевски не направи ништо за да се спречи ценовниот шок. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара итно и неодложно прифаќање на мерката на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата кај горивата за 50%, вели Митева.

Таа додава дека со оваа мерка дизел горивото ќе поевтини за 9,5 денари, а бензините за цели 13 денари.

-Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара да се намали данокот на додадена вредност за производите за исхрана и за топлинската енергија, односно парното да бидат со 0%. Дополнително, бараме и ДДВ за електричната енергија да биде 5% и во остатокот од 2022 година. Воедно, бараме владата да го заштити стандардот на граѓаните и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за покачување на платите во јавниот сектор согласно коефициентот на тежина на работната сила прифатен согласно колективните договори, потенцираше Митева.