Лицето кое пукаше во „Ист гејт“ кон Раде Трајковски-Штекли и неговата придружба, можеби на себе носело силиконска маска со која го променило својот лик, дознава „Скопје1“. Со тоа, тој успешно се сокрил од идентитетот од безбедносните камери. Станува збор за добро планирана ликвидација, велат познавачите. Овој податок треба да го провери и утврди и истрагата која ја води скопското Јавно обвинителство. Ова лесно се утврдува преку следење на мимиката на ликот – бидејќи доколку носи маска за криење, тогаш нема ниту мимики. Дополнително, сомнение се капата и слушалките – кои ја кријат главата и ушите.
„Скопје1“ за ова прашање испрати прашања до Министерството за внатрешни работи. Прашавме дали од криминолошки аспект, постојат индиции лицето кое пукаше да носи т.н. силиконска маска која го прикрива неговиот лик, со што, јавно објавената фотографија нема да помогне бидејќи лицето не постои – на што чекаме одговор.
Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР за „Скопје1“ вели дека МВР не смееле да објават никаков податок во јавност, ниту фотографија – бидејќи тоа се докази во постапка. Посочува дека е можно како основано сомнение да стои дека лицето кое пука има променет идентитет – но тоа треба да го утврди истрагата.
„МВР не смееле да објават никаков податок затоа што МВР е дел од предистражната постапка. Уште зборуваме за предистражни постапки, во кои нели, располагаме со некоја фотографија од безбедносни камери, која е снимена во објектот под надзор и таа фотографија сега е објавена. Сите додатни податоци со кои располага МВР – треба да ги задржи за себе. Тие ќе бидат докази во постапката, во истрагата. Можно е како основано сомнение да имаме, велам како сомнение, да имаме променет идентитет со маска. Тоа не смееме да го исклучиме во предистрагата и истрагата. Тој податок треба да биде целосно проверен, да се види во истрагата. Јавниот обвинител ќе каже дали тој податок е точен или неточен. Ние сега располагаме со основани сомненија и тоа треба да го земеме како такво“, вели Ѓурчевски.
Ликвидацијата на Штекли била планирана. На тоа укажува и постапувањето на лицето кое пука. Внимателно се доближува до ескалаторот кога Штекли и неговата придружба се симнуваат, па пука. Но, не повредува ниту еден друг, иако во моментот има сведоци. Вешто успева да излезе и од трговскиот центар. Ова укажува дека станува збор за пресметка и дека никој друг не бил загрозен.
Ова е вторпат, во два месеци, Штекли да биде мета. Првиот пат, не беше повреден, бидејќи управувал со блиндирано возило. Тоа се случи во гаражите на истиот трговски центар. Возилото со кое се превезувале лицата кои пукале беше пронајдено запалено кај езерото Треска.