Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска на свечена манифестација ги додели општинските стипендии наменети за талентирани ученици и талентирани спортисти за претстојната учебна 2026/2027 година. На свеченоста присуствуваа голем број гости, меѓу кои градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, општински советници, директорки на основните училишта, наставници, како и родители на наградените деца.
Во рамки на оваа поддршка, за категоријата талентирани ученици се доделени вкупно 57 стипендии, распределени во две нивоа. Од нив, 33 стипендии припаѓаат на првата категорија со месечен надоместок од 3.500 денари, додека 24 стипендии се од втора категорија и изнесуваат 3.000 денари месечно. Кај младите спортисти се доделени вкупно 22 стипендии, од кои 20 се од прва категорија со висина од 3.500 денари, а две стипендии се од втора категорија со износ од 3.000 денари. Сите доделени финансиски средства ќе им се исплаќаат на учениците во траење од осум месеци во текот на новата учебна година.
Градоначалникот Лукровски упати искрени честитки до добитниците за постигнатите успеси и нагласи дека инвестирањето во образованието и спортот останува приоритет во програмата на локалната самоуправа.
„Поддршката на младите таленти претставува значаен дел од политиките на општината и ќе продолжиме посветено да вложуваме во младите генерации за развој на нивните знаења, вештини и спортски потенцијали“, истакна Лукровски.
