Во спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во скопската населба Карпош свечено беа предадени десет современи текбол маси, наменети за секое основно училиште на територијата на општината. Настанот се одржа во присуство на министерот за спорт Борко Ристовски, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски и црногорскиот амбасадор во земјава Зоран Миљаниќ.

Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи упати честитки за реализацијата на овој спортски проект насочен кон најмладите генерации.

„Секое основно училиште во Карпош добива по една текбол маса, а учениците нова можност за спортување, дружење и развивање здрави животни навики. Ја поздравувам оваа иницијатива, затоа што љубовта кон спортот се гради од најмала возраст. Нашата обврска е да им обезбедиме на децата услови да ги откриваат своите таленти и да растат здрави, активни и исполнети“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

промоција на текбол маси во општина карпош

За време на официјалната церемонија, црногорскиот репрезентативец Марко Жарковиќ и Диме Пејчиновски одиграа демонстративен натпревар, преку кој учениците и присутните гости се запознаа со динамичните правила на текболот.

Лукровски посочи дека поставувањето на овие маси ќе им овозможи на учениците развој на специфични моторички вештини и совладување нови модерни спортски дисциплини.

„Ние како Општина во континуитет вложуваме во модернизирање на спортската инфраструктура во Карпош и сме особено горди што нашите ученици ќе имаат можност да научат да играат нови спортски игри, кои ќе го развијат нивниот психомоторен развој, а ќе придонесе и за уште поголема социјализација и тимски дух помеѓу нив. Сакам да упатам посебна благодарност до Текбол сојузот на Црна Гора, кои дадоа огромна поддршка и придонес во организацијата на овој значаен настан за нашата општина“, порача Лукровски.

Во рамки на промоцијата беа презентирани и сродните дисциплини текволеј и текпонг, со што беа прикажани повеќекратните можности на новата опрема, а настанот заврши со симболична размена на репрезентативни дресови меѓу претставниците на двете земји.