Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски објави фотографии од изградбата на мега паркот во Карпош, покрај кејот на Вардар, на просторот што со години се злоупотребуваше како дива депонија за разновиден отпад.
„Од депонија до огромен мега парк на 86.000 квадратни метри во Карпош. Таму каде што со години се трупаше смет, ќе растат дрвја. Таму каде што граѓаните гледаа грда слика, ќе има зеленило, спорт и детска смеа. Сите се сеќаваме на огромната дива депонија во Карпош, на наталоженото ѓубре, на негрижата, но и на празните ветувања дека конечно ќе биде исчистена. Денес, зборуваат делата! Работата се одвива со силна динамика, го расчистуваме наталожениот смет и оваа површина ја претвораме во мега парк, ново место за одмор, рекреација и за дружење“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Наскоро, ова место ќе ја добие својата целина, додаде тој.
„На 86.000 квадрати ќе има зеленило, дрвја, веќе се поставува урбаната опрема и осветлувањето, спортски терени и фитнес-зони, пешачки зони, како и сопствена хидрантска мрежа. Простор за првите детски чекори, за младите и нивните спортски предизвици, за семејните прошетки и за спокојните мигови на нашите највозрасни сограѓани“, порача Ѓорѓиевски.
Создавањето нови паркови е меѓу моите највисоки приоритети, додаде градоначалникот.
„За само една година имаме 200.000 квадрати паркови! Ова е површина што им ја враќаме на граѓаните и на природата, со јасна определба Скопје да биде позелен и поубав град за живеење. Продолжуваме со истата решителност. Скопјани заслужуваат да ја гледаат промената во своето маало, на својата улица, пред својот дом!
Повеќе зеленило. Повеќе простор за живот“, објави Ѓорѓиевски.
