Полското Министерство за фондови ги замрзна сите исплати во рамките на повеќемилионската европска програма наменета за хотели, ресторани и културни простори, откако било откриено дека дел од средствата биле доделени за набавка на јахти, отворање вотка барови и за фирма регистрирана на адреса на секс клуб.
Министерката Катаржина Пелчинска-Налеч изјави дека исплатите нема да продолжат сè додека не се направи целосна ревизија на сите 2.400 грантови во рамки на шемата. Вкупната вредност на грантовите е 1,2 милијарди злоти (282 милиони евра).
„Секоја злота ќе биде проверена“, порача Пелчинска-Налеч.
Досега биле исплатени 25,8 милиони евра, додека остатокот од буџетот на програмата „ХоРеЦа“ е блокиран. Оваа програма беше предвидена да им помогне на малите бизниси и угостителски објекти да ги надминат последиците од пандемијата на ковид-19.
Интерактивната мапа на приматели, која минатата недела ја објавија властите, откри дека парите биле трошени на чамци, луксузен мебел и дури на клуб за свингери.
Програмата беше дел од поширокиот фонд за економско закрепнување на Полска, вреден 59,8 милијарди евра. Овој фонд долго време беше блокиран од Брисел поради спорот со претходната влада во Варшава околу владеењето на правото, но средствата беа ослободени по изборната победа на сегашниот премиер Доналд Туск во 2023 година.
„Овие средства беа наменети за обнова на Полска по пандемијата и за создавање нови работни места. Туск вети развој што сите ќе го почувствуваат. Она што го чувствуваме е огромна смрдеа и огромен долг што сите ќе мора да го вратиме“, изјави портпаролот на опозициската партија Закон и ред, Рафал Бохене.