Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, повторно ја отвори темата за можноста за отцепување од Босна и Херцеговина и обединување со Србија.
Говорејќи на конгрес на Социјалистичката партија, тој изјави дека политичката борба за Србите ќе заврши „кога ќе бидеме слободни и кога ќе се обединиме со Србија на начинот на кој мислиме дека треба да биде“.
Со ова, Додик повторно ги актуализираше своите ставови за интеграција на Република Српска со Србија, што подолг период претставува дел од неговата политичка реторика.
Тој дополнително го оспори институционалниот поредок на Босна и Херцеговина, посочувајќи дека за него Сараево не е главен град, туку дека како центри ги гледа Бања Лука и Белград.
Додик е под санкции на САД од 2017 година поради, како што се наведува, поткопување на Дејтонскиот договор и промовирање на отцепување на Република Српска. Санкциите беа проширени во 2022 година, а укинати минатата година.
Минатата година, Судот на Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор поради непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник, по што му беше прекинат мандатот како претседател на Република Српска.
