Косовскиот премиер Албин Курти располага со минимална лична заштеда, покажуваат најновите податоци за неговата имотна состојба, според кои на неговата банкарска сметка има нешто повеќе од 16 евра.
Истовремено, тој не поседува сопствен стан, туку живее како подстанар, за што месечно издвојува 350 евра, што претставува зголемување во споредба со претходната година.
Сосема поинаква слика дава имотната структура на неговото семејство. Главниот дел од средствата и недвижностите се водат на име на неговата сопруга, која поседува стан вреден 530.000 евра, има заштеди од 19.500 евра и кредит од 160.000 евра.
Разликата е видлива и кај приходите. Додека Курти пријавил годишна заработка од 21.315 евра, неговата сопруга остварува повеќе од двојно повисок приход – околу 51.000 евра годишно.
Во извештајот е наведено и дека нивната ќерка има пријавена заштеда од 2.000 евра, како и дополнителни 50 евра на посебна сметка, што е повеќе од средствата што ги има премиерот.
Овие бројки предизвикаа реакции во јавноста, отворајќи дилема дали станува збор за израз на лична скромност или за начин на распределба на имотот во рамки на семејството.
