Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, изрази надеж дека политичките партии до утре ќе постигнат договор за измените на Изборниот законик, кои се неопходни за исполнување на реформската агенда. Тој не ја исклучи можноста консензусот да биде постигнат во последен момент, иако рокот истекува утре.
Рокас денеска, за време на промоцијата на новите возила што Европската Унија му ги донираше на Државниот инспекторат за транспорт, рече дека договорот меѓу партиите е важен бидејќи со исполнувањето на оваа обврска Македонија би добила 4,2 милиони евра, кои би биле искористени во корист на граѓаните.
– Јас навистина се надевам на консензус, бидејќи има време уште денеска и утре. Утре е последниот ден за постигнување консензус. Се надевам дека политичките партии ќе се договорат, имајќи предвид дека нивните координатори, според информациите, се среќаваат на дневна основа. Се надевам дека и овој чекор од реформската агенда, односно измените на Изборниот законик, ќе биде исполнет, затоа што станува збор за 4,2 милиони евра што би биле искористени во корист на граѓаните на оваа земја – рече Рокас.
Евроамбасадорот оцени дека проширувањето на Европската Унија претставува инвестиција во безбедноста, сигурноста, просперитетот и конкурентноста на самата Унија. Според него, доколку Македонија ги почне пристапните преговори, ќе може релативно брзо да ги стигне останатите четири земји вклучени во процесот, иако и тие напредуваат со брзо темпо.
Рокас изрази надеж дека состојбата ќе се придвижи напред и дека наскоро ќе биде пронајдено решение што ќе го отвори патот за почеток на преговорите со Европската Унија.
– Веќе многу работа се прави зад радарот, далеку од погледите на јавноста, со цел работите да се завршат. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение што ќе го отвори патот за започнување на преговорите со ЕУ – рече Рокас.
Политичките партии и денеска, како и во претходните денови, разменија низа ставови и меѓусебни обвинувања, со што покажаа дека сè уште не се блиску до консензус за измените на Изборниот законик.
