Евроамбасадорот Михалис Рокас, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Европската Унија има соодветни механизми да спречи евентуално бугарско вето поради несогласувања во Историската комисија, нагласи дека не сака да шпекулира за потезите на земјите членки во пристапниот процес. Тој потенцираше дека со празни претпоставки не може да се бележи напредок и посочи на непредвидливата природа на преговарачкиот процес.
„Барате од мене да коментирам, да шпекулирам што би можела или не би можела да направи една земја членка на ЕУ. Знаеме дека во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе. Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора. Прашањата за кои разговараат се познати во јавноста. Затоа навистина не би сакал да го користам ова гостување за да шпекулирам. Верувам, а мислам дека тоа сите го разбираат, дека проширувањето има геостратешко значење во времето во кое живееме. Одговорот на ЕУ на многубројните предизвици со кои се соочува е токму проширувањето, а тоа стопроцентно ја вклучува и Северна Македонија“, рече Рокас.
Во своето натамошно обраќање, евроамбасадорот подвлече дека сите договори мора доследно да се почитуваат и спроведуваат во добра верба од сите засегнати страни, со цел да се обезбеди вистински исчекор во европската интеграција.
„Затоа, да го спроведеме во добра верба она што е договорено, вклучително и она што е договорено билатерално. Важно е ова што го кажувам, бидејќи комисиите не постојат само за да дискутираат и формално да се забележи дека нешто е направено. Важно е да се вложи напор, бидејќи тој напор може да се оцени како значаен чекор напред. Лично сум уверен дека ако има напредок во важните прашања за усогласувањето со ЕУ, во борбата против корупцијата, во владеењето на правото и во реформите, и ако ги имаме отворено пристапните преговори, тогаш ќе го имаме потребниот замав“, нагласи Рокас.
