Бројот на училишта до кои денеска до 11 часот се пристигнати дојави за бомби се зголеми на 66 во Скопје и едно училиште во Прилеп. Дојава е упатена и до една скопска детска градинка.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за безбедно евакуирање на објектите и дека во тек се антитерористички проверки.

Утринава до 10 часот дојави за бомби преку електрински адреси имаше пристигнато до 32 училишта во Скопје и едно училиште во Прилеп.

Градоначалниците на општините на територија на Град Скопје на официјалните Фејсбук-профили реагираат на заканите за експлозивни направи што утрово пристигнаа на електронските адреси во училиштата.

Во Гази Баба, како што соопшти на официјалниот Фејсбук-профил градоначалникот Бобан Стефковски, сите 11 основни училишта добиле закана за поставена експлозивна направа.

Изразувам најостра осуда кон креаторите на ваквите појави. Ова е недозволиво! Апелирам и барам, надлежните институции да превземат итни и неодложни чекори и мерки со цел оваа појава час поскоро да запре. Недозволиво е вакви појави веќе подолг период да ги вознемируваат учениците и родителите, апелира Стефковски.

Шест од вкупно осум основни училишта денеска се под закана за поставена бомба во општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски на Фејсбук повика на смиреност и следење на протоколите.

Искрено се надевам дека конечно оваа серија лажни дојави на поставени бомби, кои сериозно не вознемируваат ќе заврши и ќе се открие кој стои зад нив, пишува Герасимовски.

Мета на „бомбашите“ се и сите основните училишта во Ѓорче Петров.

Очекувам експресна реакција од надлежните служби за јавен ред и мир и безбедност и истовремено најостро го осудувам овој чин. Апелирам што поскоро надлежните институции да преземат итни чекори. Оваа појава мора веднаш да се искорени. И децата и родителите се вознемирени, а дојавите за бомби, за жал, ни станаа секојдневие, објави на официјалниот Фејсбук-профил градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.