Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржува под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“. Во своето обраќање, тој зборуваше за одговорноста на младите генерации, нивната улога во создавањето на иднината и потребата да остават трајно наследство за државата.

Мицкоски порача дека секоја генерација добива можност да направи нешто поголемо од себе, но дека само оние што ќе покажат храброст, знаење, истрајност и карактер успеваат таа можност да ја претворат во дело.

„Постојат моменти во животот на еден човек кога треба да одлучи дали ќе биде само сведок на времето во кое живее или ќе биде некој што ќе остави свој белег во него. Постојат моменти во историјата на секоја држава кога не е доволно само да се зборува за иднината, туку е потребно да се преземе одговорност за нејзиното создавање. И постојат генерации кои добиваат можност да направат нешто поголемо од себе, нешто што ќе остане и по нив, нешто што ќе биде темел врз кој ќе продолжат да градат генерациите што доаѓаат“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека историјата ја создаваат луѓето кои имаат храброст да сонуваат поголеми соништа и да се спротивстават на предизвиците. Според него, иднината не треба само да се очекува, туку активно да се создава преку работа и преземање одговорност.

„Историјата никогаш не ја пишувале оние кои стоеле настрана и чекале времето да помине. Историјата ја создавале луѓе кои имале храброст да сонуваат поголеми соништа, кои имале сила да се спротивстават на невозможноста и кои верувале дека иднината не е нешто што треба да се чека, туку нешто за кое треба да се работи, да се создава и да се презема одговорност“, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека секое време носи свои предизвици и искушенија, но и историски можности за новите генерации. Тој нагласи дека тие можат да ги поместат границите, да ги надминат пречките и да ги променат воспоставените правила.

Осврнувајќи се на историските промени, премиерот рече дека тие не започнувале секогаш во големите кабинети или како резултат на одлуките на моќните. Често, како што посочи, започнувале со идеи и со млади луѓе кои одбивале да се помират со постојната состојба.

„Многу често тие започнувале со една идеја, со една искра на надеж, со една група млади луѓе кои одбиле да се помират со постојното и кои имале храброст да поверуваат дека можат да создадат нешто подобро. Така се создаваше и нашата историја. Не секогаш со најмудрите одлуки, но секогаш со храброст и вера“, порача Мицкоски.

Тој се осврна и на историјата и традицијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека секоја организација треба постојано да се прашува што создава денес и какви луѓе подготвува за утре.

„Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ има своја историја, традиција и генерации луѓе кои поминале низ нејзините редови. Но секоја организација, колку и да е долга нејзината историја, мора постојано да си го поставува прашањето што создава денес и какви луѓе подготвува за утре. Нашата генерација, Вашата генерација е она што го оставаме за нашата Македонија“, истакна Мицкоски.