Првообвинетиот во случајот „Софтвери”, Драги Рашковски, тврди дека доказите против него се прибрани на незаконит начин. Во изјава пред новинарите откако се одложи почетокот на судењето, обвинетитот Рашковски истакна дека не може да има доказ во кој некој во обвинителството на својот компјутер во ворд направил текстуални пораки во една секунда.
– Имате во една секунда 43 пораки. Еве кажете ми, јас проверував во компјутер, не постои, Гинисовиот рекорд е дека за 50 и нешто секунди можете да пишете една порака, а не 43 во една секунда. Не може обвинителството да дава докази коишто јасно се гледа дека произлегуваат од незаконит начин на прибирање на докази од некакви телефони, рече Рашковски и најави дека во овој случај ќе има интересно судење.
Според него, „срамно е на лица кои немаат ниту познавања, ниту лиценци, ниту се вештаци, да им се дава да буричкаат, да чепкаат по приватни податоци на лица на кои им се одземени телефоните итн“.
– Не би сакал повеќе да навлегувам во докажувањето, сето тоа е предмет на оваа постапка. Меѓутоа, податоци и факти коишто се апсурдни не може да бидат докази, пак ќе ви кажам, 43 пораки во една секунда на документ на кој со форензичка анализа е докажано дека е правен на компјутерот на обвинителката, значи не е тоа податок извлечен од телефон, туку правен на компјутерот на обвинителката, таму стои на кој компјутер е правено, изјави Рашковски.
Како сведок на одбрана во овој судски предмети обвинетиот Рашковски, го предложил и поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
– Не може вие да тврдите дека мои средства уплатени на моја сметка во 2015 година потекнуваат од тендери од 2019 година. Срамота е тоа што се прави. Значи, сите знаеме дека 2015 прво јас не сум бил ни функционер. Не може од 2015 средства да потекнуваат од кривично дело од 2019. Не треба да сте ни правник, едноставно Холивуд да го режира ова не може така да го направи, наведе Рашковски.