Тој за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и рече дека неговиот сомнеж е дека токму објавувањето на погрешно испишаната табла, претставувало основа да биде отпуштен од работа.

Иако формално-правно причините за отказот се поинакви, проблемите почнале да се случуваат еден ден по фотографирањето на таблата, кога доктор Гроздановски добил решение за прераспределување во друга поликлиника – онаа на Бит-пазар.

Бидејќи доктор Гроздановски формирал невролошки кабинет во поликлиниката „Букурешт“, а во оваа здравствена установа имало само двајца лекари од специјалноста неврологија, од кои другата колешка била многу помлада од Гроздановски, тој одбил да биде прераспределен, по што настапил отказот.

– Пишува дека неоправдано сум изостанал три работни дена, на 26, 27 и 28 јули. Последен ден што бев на работа, беше во саботата на 24 јули. Дојдов во „Букурешт“ додека бев на одмор во петокот и бев блокиран, не можев да влезам во системот. Веќе ме префрлиле на Бит-пазар. Од понеделникот, се разбира, не отидов на Бит-пазар и веднаш ми дале отказ и ме одјавија, така што сега сум невработен доктор специјалист по неврологија на три години пред пензија. Е, тоа е мојата приказна. Како одеднаш од таков професионалец невролог, како што ме нарекуваше директорот, добив експресен отказ за три дена без да бидам викнат на разговор и без да се најде решение, вели доктор Гроздановски, за „Слободен печат“.