Русија официјално бара НАТО да го врати своето воено присуство на позициите од 1997 година, односно пред почетокот на проширувањето на воената алијанса кон Источна Европа. Ова барање претставува составен дел од официјалниот документ што руските претставници го доставиле за време на преговорите со американската делегација за завршување на војната во Украина.
Документот, кој носи датум од 10 ноември 2026 година, покажува дека рускиот претседател Владимир Путин речиси воопшто нема отстапено од фундаменталните барања што ги постави непосредно пред почетокот на воената инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Овојпат барањата на Москва одат подалеку од територијалните и безбедносните прашања поврзани со Украина. Руската страна бара фундаментални промени во целокупната безбедносна архитектура на европскиот континент, што би имало директни последици за сите држави кои станаа полноправни членки на НАТО по 1997 година.
Во 1997 година воената алијанса броеше 16 земји членки, додека денес Алијансата има 32 држави, меѓу кои е и Македонија, која официјално се приклучи на 27 март 2020 година. Барањето на Москва подразбира целосно повлекување на воените сили и комплетната воена инфраструктура на НАТО на позициите што ги имаа пред ширењето на исток.
Ваквото барање особено директно ги засега Полска, како и балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија, кои континуирано посочуваат дека стационирањето на сојузничките сили претставува клучна гаранција за нивната сувереност и безбедност.
Руските претставници за време на преговорите водени во Абу Даби отворено го посочиле периодот на Студената војна како модел според кој треба да се уреди идната европска безбедност. Во таа епоха европскиот континент беше поделен помеѓу западниот воен блок предводен од САД и Варшавскиот пакт под контрола на Советскиот Сојуз.
Руската преговарачка страна тврдела дека таквата јасна поделба на сфери на интерес, надополнета со строги канали на комуникација и договори меѓу велесилите, значително го намалувала ризикот од директен воен судир. За државите од Источна и Југоисточна Европа ова претставува исклучително чувствително прашање, земајќи предвид дека најголем дел од нив по завршувањето на Студената војна избраа сопствената безбедност да ја градат во НАТО.
Според наведениот документ, Москва бара НАТО трајно да се откаже од секакво понатамошно проширување, целосно да ги прекине воените активности во Украина, во останатите делови од Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија, како и целосно да запре испораката на западно оружје и опрема за украинските сили.
Русија во документот наведува дека би прифатила членство на Украина во Европската Унија, но исклучиво под услов Киев да не учествува во заедничката одбранбена и безбедносна политика на Унијата. Посебно внимание предизвикува и експлицитното барање Франција и Велика Британија со договор да се обврзат дека нема да го користат сопствениот нуклеарен арсенал за колективна одбрана на други европски сојузници.
Овој документ бил доставен на преговорите во Абу Даби, каде што присуствуваа претставници на САД, Русија и Украина. Американската преговарачка делегација, составена од Стив Виткоф и Џаред Кушнер, посредува со цел приближување на ставовите за прекин на воените дејствија.
Американските претставници на средбите јасно ѝ порачале на Москва дека меѓународните безбедносни околности се суштински променети од 2021 година наваму и дека преговорите мора да се фокусираат на идни одржливи решенија, а не на враќање во минатото.
Иако овој документ ја претставува почетната преговарачка рамка на Кремљ, дипломатски извори укажуваат дека руската страна оставила простор за одредена преговарачка флексибилност. До овој момент нема официјална потврда дека руските барања се прифатени, ниту пак дека е постигнат прелиминарен договор за нов безбедносен формат.
Барањата од Москва веднаш предизвикаа остри реакции во Европа, при што полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуалното нивно прифаќање би било директна закана за опстанокот на Полска, додека литванскиот претседател Гитанас Науседа отсечно го отфрли какво било повлекување на НАТО од источното крило.
Европските дипломати и државници порачуваат дека за иднината на мирот и безбедноста на континентот под никакви околности не може да се одлучува само преку дијалог меѓу Вашингтон и Москва без рамноправно учество на европските сојузници.
