Заменик претседателката на опозициската СДСМ, Сања Лукаревска од 2017 година до 2024 година била директорка на Управата за Јавни Приходи со фалсификуван сертификат за познавање на англиски јазик добиен во соседна Бугарија. – дознава Радио Лидер.
Согласно законските одредби за да бидете директор на УЈП треба да имате меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик не постар од 5 години. Законодавецот предвидува дека треба да имате еден од овие 6 сертификати:
- ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода
- ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 ниво,
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен
- БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
- АПТИС (APTIS) – најмалку ниво Б2 (B2)
Во својата апликација до владата, Сања Лукаревска навела дека го поседува четвртиот сертигфикат од листата, тоа е ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First), но документот кој го доставила до владата не кореспондира со изгледот на овој сертификат кој го имаат полагано и добиено во Скопје вработени во Радио Лидер.
Нашата редакција од извор во владата стигна до сертификатот кој поранешната директорка го доставила до таму и истиот до ден денешен се чува во архивот.
Сертификатот е издаден од Advance, извесен едукативен центар за јазици од Софија Бугарија на 31.01.2018 и на него пишува дека таа била на тестирање за Cambridge English First B2 во овој едукативен центар. На документот со пенкало е напишан бројот на сертификат и нејзиниот личен број.
Краткиот преглед на документот остава сомнеж дека ова е обид да се прикаже сертификатот на Кембриџ, иако дури и на самиот документ од едукативниот центар од Бугарија само потврдуваат дека Лукаревска присуствувала на тестирање, но не и дека го добила овој сертификат.
На сајтот на Cambridge English може да се најде примерок за тоа како сертификатот навистина треба да изгледа:
Лукаревска негира, но сертификат не покажува
Во текот на вчерашниот ден, Радио Лидер стапи во контакт со заменичката на Венко Филипче, која во СМС порака ја запрашавме за тоа дали можеби и таа има сертификат од Бугарија добиен од компанијата ЈУЛИА КО ЛТД и дали истиот е легален. Лукаревска кратко ни одговори.
– Мојот сертификат не е од компанијата Јулија КО ЛТД. Мојот сертификат е валиден сертификат. – ни одговори Лукаревска.
Но, откако и го испративме нејзиниот сертификат заедно со примерокот за тоа како навистина треба да изгледа еден сертификат на Cambridge First, Сања Лукаревска целосно ја прекина комуникацијата со нас.
Advance врши обуки, но не издава сертификати на Кембриџ
Проверката на веб страницата на овој едукативен центар во Бугарија покажува дека истиот врши обуки онлајн и во живо за овој сертификат, но не прави тестирање за истиот. Во исто време, проверката на официјалната страница на Cambridge English First покажува дека во Софија има дури шест центри за тестирање, но, центарот од каде што Сања Лукаревска добила сертификат не е на листата.
Радио Лидер испрати прашања до едукативниот центар Advance. Но до објавувањето на овој текст немаме никаков одговор.
Она што е очигледно по проверката на сертификатот на Лукаревска но и на страницата на Cambridge е тоа дека Лукаревска цели 7 години била директорка на УЈП со фалсификуван сертификат.
Преку 300 функционери од СДСМ имале лажни сертификати
Опозициската СДСМ секое утро испраќа соопштенија за наводно фалсификуваниот сертификат на директорот на АНБ Бојан Христовски, за случајот најавена е истрага од страна на Државната Комисија за Спречување на Корупција и на Обвинителството. Да видиме дали по допрен глас овие две институции ќе отворат истрага за случајот кој го објавуваме.
Радио Лидер дознава дека од 2017 година па наваму во Македонија се употребени повеќе од 300 фалсификувани сертификати за познавање на англиски јазик претежно на функционери од СДСМ. Вчера премиерот Мицкоски на лидерот на опозицијата Венко Филипче му достави сертификати на функционери од СДСМ за кои тврди дека се фалсификат.
Во моментов како дел од поопсежно истражување ја потврдуваме автентичноста на сертификатите на сите функционери, кои исто како на Лукаревска ќе ги објавиме во моментот кога ќе потврдиме дека се фалсификат. Освен во СДСМ, вакви лажни сертификати купени претежно од соседна Бугарија можат да се најадат и во досијеата на голем број на судии и обвинители.