Инфраструктурата е приоритет број еден на Владата и се работи интензивно на повеќе крупни проекти низ државата, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за поткаст.

Тој посочи дека веќе се реализирани значајни проекти како реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир, пуштањето во функција на обиколницата на Крива Паланка, како и експресниот пат од Крива Паланка до Страцин. Следен чекор, според него, е изградбата на делницата Страцин–Романовце со поддршка од Европската Унија во рамки на Планот за раст.

Николоски нагласи дека се гради автопатската мрежа на Коридор 8, вклучително и делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани, додека за потегот Букојчани–Кичево е во тек постапка за избор на изведувач со Европската банка за обнова и развој. Автопатот Кичево–Охрид, како што истакна, е во завршна фаза, со 34 километри веќе пуштени во употреба, а целосно завршување се очекува до крајот на годината.

Како предизвик го посочи делот Струга–Ќафасан, каде трасата ќе се усогласува со барањата на УНЕСКО, при што договор се очекува во јуни.

Во делот на железничката инфраструктура, Николоски информира дека веќе е ставена во функција делницата Куманово–Бељаковце, додека се работи на продолжението до Крива Паланка. Во подготовка е и најтешката делница долга 24 километри, за која наскоро ќе биде објавен тендер за изградба, со цел конечно железничко поврзување со Бугарија.

„Заеднички ќе го градиме тунелот и по многу децении ќе ги поврземе Скопје и Софија“, изјави Николоски.

Тој најави и реконструкција на пругата Скопје–Кичево, како и изградба на обиколница за товарни возови околу главниот град со цел намалување на загадувањето. Паралелно се работи и на проектот „Градски воз“.

Според Николоски, станува збор за мега-инвестиции вредни околу 2 милијарди евра за западната железничка врска, а заедно со проектите на Коридор 10, вкупната вредност на железничките инвестиции може да достигне до 5 милијарди евра.