Намален ризик на пазарите

Вредноста на американскиот долар продолжи да слабее и втора недела по ред на девизните пазари, под влијание на сигналите за продолжување на примирјето меѓу САД и Иран и намалување на геополитичките тензии.

Пазарите реагираа и на најавите за олеснување на ограничувањата за пловидба низ Ормутскиот теснец, што ја намали аверзијата кон ризик кај инвеститорите.

Индексот на доларот, кој ја мери неговата вредност во однос на шесте најважни светски валути, падна за 0,44 проценти и се спушти на 98,81 поени.

Движење на валутите

Во однос на еврото, доларот ослабе за 0,63 проценти, па европската валута достигна 1,1678 долари.

Во однос на јапонскиот јен, доларот остана речиси непроменет на 159,20 јени, ниво кое често се смета за критично за можни интервенции од јапонските власти.

Јапонското Министерство за финансии соопшти дека минатиот месец интервенирало на пазарот со 11,7 трилиони јени (73,5 милијарди долари) за да го поддржи јенот и да ги ублажи инфлаторните притисоци.

Трамп за Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се разгледува договор со Иран и дека конечна одлука ќе биде донесена по состанок во Ситуациската соба.

Тој повтори дека Иран мора да се обврзе дека нема да развива нуклеарно оружје и дека Ормутскиот теснец мора да биде отворен за слободна пловидба.

На почетокот од кризата доларот зајакна како безбедна валута, но подоцна ги избриша добивките поради неизвесноста на пазарите.

„Немаме одговори на многу прашања… тоа се одразува на доларот“, изјави Хуан Перез од „Монекс УСА“.