Владата утре ќе одржи онлајн седница за нови пресметки на цените

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува стабилизирање на цените на енергенсите и можност за значително поевтинување на дизел горивото, од околу 6 до 6,5 денари по литар. Тој најави дека утре ќе се одржи онлајн владина седница на која ќе се разгледуваат новите пресметки.

„Утре во текот на денот ќе имаме онлајн владина седница. Според нашите пресметки, врз основа на анализите како се движеа цените на светските берзи изминатите две недели, односно втората половина од мај, и како се движеа цените изминатава недела, очекуваме полека, но сигурно да се стабилизираат и кај нас, односно, досега повластената стапка за бензините од 10 да се врати на 18 проценти, а во делот на акцизите ќе остане намалувањето од два денара по литар за дизел и за безоловните бензини 95 и 98 октани, бидејќи просекот во втората половина од мај на дизелот и безоловните бензини се движеше меѓу 1.000 и 1.200 долари за барел. Преговараме со „Окта“ да видиме како ќе биде. Можеби од таму да добиеме дополнителен попуст барем за првата половина на јуни. Кога ќе ги имаме предвид сите овие мерки, тогаш очекувам цената на бензините да остане иста или да има мало зголемување од половина денар, а дизелот да поевтини околу 6 и пол денара, 6 до 6,5 денара. Отприлика ова се бројките кои нашите калкулации ги кажуваат, а ќе видиме како како ќе направи пресметка регулаторно“, истакна Мицкоски.

Државата останува со најниски цени на горивата

Премиерот нагласи дека во изминатите три месеци имало динамичен период на пазарот, но дека снабдувањето со нафта и горива било стабилно и без ограничувања.

„Граѓаните не почувствуваа ниту во еден момент какво било ограничување кога станува збор за снабдување со нафта и со бензини. Истовремено, притисокот врз нашите бензински пумпи беше огромен. Имаше денови кога 50-тина проценти беше зголемен од вообичаено, имајќи предвид нормални, регуларни денови“, рече тој.

Цените остануваат меѓу најниските во регионот

Мицкоски посочи дека и покрај глобалните флуктуации, земјата ќе остане со ниски цени на горивата.

„И кога сето ова ќе се заокружи, ние и денеска, односно и она што го очекуваме во понеделник, ќе останеме држава со убедливо најниски цени на горивата, односно на дизел горивото и на бензините. Ако се оствари оваа наша калкулација како точна, бензините би останале или иста цена или половина денар би поскапеле, а дизелот би поевтинил за 6 до 6,5 денари по литар“, додаде премиерот.