Власта не се надева на притисок кон Бугарија, туку сака тоа што се спремни да го направат, да попуштат на бугарските барања, и тоа е очигледно, тоа да го претстават дома дека постигнале компримисно решение кое ги задоволува двете страни. Ја користат истата шема со Преспанскиот договор, изјави во „Што не е јасно“ на Алфа, поранешниот амбасадор Јован Донев.
Според него случувањата со новото мнозинство ни покажаа дека во Македонија се е пазар и затоа не може да се очекува нешто сериозно, ниту да ги интересира што мислат гласачите, туку да го завршат тоа за што се дојдени.
– Заев мора да одработи тоа што го ветил, затоа тој мора да и даде се на Алтернатива, а тие нормално дека ќе си земат, оти тој нема друга опција во моментов. Која е логиката да му ги бирате министрите, мандатарот си ги бира. Ова е клика создадена надвор од допир со граѓаните. Последниве 10 дена ќе бидат клучни и опозицијата мора да му се спротивстави на Заев, затоа што мислам дека влагаме во неповратен амбис, рече Донев.
Донев посочи дека од бугарска страна имаме национал-шовинизам кон Македонија, негирање на постоење на македонската нација и јазик, и затоа македонската страна има погрешен приод во преговорите, а дека Бугарија нема да попушти.
– Во бугарските позиции нема да има никакви промени, без разлика дали е министер или технички министер за надворешни работи. Може да има промена во тактиките и тоа ќе зависи од новата бугарска влада, друго ништо нема да се смени. Вие не може да ги убедите Бугарите дека постои македонски јазик. Ако се потпише сега нешто со Бугарија, кренат ќе биде прагот на бугарските барања во идни преговори, истакна Донев.
Тој потенцира дека Бучковски како специјален пратеник за Бугарија со изјавата дека има омекнување во ставовите на двете страни само покажа дека не ја познава бугарската политика.